Продолжуваат измамите на пензионерите по телефон

Тетовчанка на 83-годишна возраст вчера пријавила во СВР Тетово дека била измамена за 2.000 евра по телефонски повик од непознато лице. Според пријавата, повикувачот ѝ соопштил лажна информација дека нејзината ќерка наводно предизвикала сообраќајна несреќа во Скопје со смртни последици и побарал итно да донесе пари за да „избегне затвор“. Жената ги оставила парите на договорено место, а измамата ја сфатила подоцна, по разговор со зетот. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

Случајот е уште еден пример на телефонски измами во кои таргет се постари лица, а сторителите се претставуваат како роднини, лекари или службени лица за да предизвикаат паника и брза исплата на пари.

Како да се заштитите

  • Никогаш не уплаќајте и не предавајте пари по телефонски барања од непознати.
  • Веднаш проверете со блиските за кои се тврди дека се вклучени во „настанот“.
  • Не кажувајте лични податоци, адреса или финансиски информации.
  • Секој сомнителен повик пријавете го на 192 или во најблиската полициска станица.

Зачлени се на нашиот е-билтен