Гала Матевска е лауреатка на наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на 64. Струшки вечери на поезијата. НУМ СВП соопшти дека одлуката ја донела тричлена жири-комисија во состав: Стефан Костоски (претседател), Никола Ѓелинчески и Пепи Стамков.
Во образложението на жирито се вели дека „Студ“ изобилува со цврсти поетски слики за кревкоста на телото и тежината на душата, дека времето „тече и се преклопува“, а вистината се открива преку болката и сеќавањето. Во сржта на песната, нагласуваат, е мешавина од спротивности – тишина што зборува, неподвижност полна со движење, тага испреплетена со убавина.
Фестивалот синоќа заврши со меѓународниот поетски митинг „Мостови“ и врачување на највисоките признанија: „Златен венец“ за словачкиот поет Иван Штрпка, „Браќа Миладиновци“ за македонската поетеса Јулија Величковска и „Мостови на Струга“ за Матеуш Шимчик од Полска.