Германија смета дека Русија само купува време

Рускиот претседател Владимир Путин веројатно само „купува време“ со учество на меѓународни состаноци, изјави шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул на заедничка прес-конференција со својот хрватски колега Гордан Грлиќ Радман. Според него, ова е погрешна проценка, бидејќи европската поддршка за Украина нема да запре.

„Мојот страв е дека Русија сака да купи време, а тоа се гледа и од реакцијата на овој значаен дипломатски ангажман на американскиот претседател Доналд Трамп,“ рече Вадефул. „Доколку Путин мисли дека може да купи време, тогаш погрешно пресметува бидејќи нашата поддршка нема да се намали.“

Вадефул потсети дека по средбата во Алјаска беше најавено скорешно соочување меѓу Путин и украинскиот претседател, со или без посредништво на Вашингтон, но „се чини дека тоа нема да се случи“ бидејќи Москва не е подготвена за вистински разговор. „Сега е на Путин да седне на преговарачката маса,“ порача тој, додавајќи дека Киев покажал подготвеност за дијалог. „Најдобрата гаранција против агресијата на Путин е одбранбената подготвеност на Украина.“

И германскиот и хрватскиот министер нагласија дека мировните процеси не можат да се одржат без учество на Киев, а Грлиќ Радман подвлече дека зачувувањето на територијалниот интегритет на Украина останува клучен принцип за европските партнери.

Зачлени се на нашиот е-билтен