Скандал во Истанбул: 3-годишни добивале часови по Куран без согласност на родителите

Kuran

Деца на возраст од 3 и пол години добивале часови по Куран и арапски јазик во детски образовен центар во општина Бајрампаша во Истанбул. Часовите биле водени под името „Образование во вредности“ од надворешен наставник, различен од наставниците во детскиот центар, објавије дел од медиумите во Турција.

Случајот добил публицитет откако еден родител пријавил дека неговите деца се вклучени во веронаука и покрај неговото експлицитно несогласување. Според таткото, тој забележал промена во однесувањето на неговите 3,5-годишни близнаци. Децата почнале да зборуваат на арапски и да климаат со главата на начин што личи на изведување зикр, религиозна практика во исламот поврзана со повторување молитви и споменување на имињата на Алах.

Алармиран од она што се случувало, таткото побарал објаснување од раководството на детскиот центар Јенидоган. Таму му бил даден формулар со кој ги прашувале родителите дали сакаат нивните деца да добиваат индивидуално куранско образование. Таткото изјавил дека не сака неговите деца, кои имале само три и пол години, да посетуваат такви часови. Сепак, според него, веронауката продолжила.

Институциите ја префрлија одговорноста

Таткото повторно разговарал со класниот наставник, од кого добил објаснување дека часовите ги водел надворешен наставник во рамките на програмата „Образование во вредности“. Според него, наставникот изјавил дека ваквите часови не можат да се одржуваат без одобрение од Министерството за национално образование на Турција.

Потоа родителот побарал помош од Окружната дирекција за образование. Сепак, тие го упатиле до општина Бајрампаша, бидејќи програмата била во надлежност на општинската дирекција за жени и семејни услуги. Таткото, исто така, поднел официјално барање неговите деца да бидат ослободени од часовите по Куран и арапски јазик. Сепак, според него, не добил задоволителен одговор.

„Прашав како општината може да одржува вакви часови без да го информира Министерството за национално образование. Ми рекоа дека прашањето го решава општинската дирекција за жени и семејни услуги и дека треба да ги упатам моите жалби до општината“, вели таткото.

Тој повторно лично отишол во детскиот центар и разговарал со директорот. Според него, дури и откако бил информиран дека часовите по Куран се прекинати, децата продолжиле да учат арапски букви и молитви. „Директорот објаснил дека се подредени на општината и не можат ништо да сторат, повикувајќи се на хиерархијата и наредбите“, објаснува таткото.

Тие ветиле нова група за децата кои не сакале да учествуваат.

Откако не добил помош од училишната администрација и регионалниот оддел за образование, таткото побарал помош и од регионалната администрација. Оттаму, бил упатен да поднесе писмена жалба.

По неговите постојани обиди да го реши случајот, детскиот центар го контактирал. Управата изјавила дека часовите по Куран во рамките на програмата „Образование во вредности“ се укинати, но децата ќе продолжат да учат молитви, вклучително и молитва пред оброците. Тој повторно нагласил дека не сака неговите деца да учествуваат на овие часови и дека веќе поднел писмено барање. Како одговор, бил информиран дека за време на часовите децата ќе бидат преместени во друга група.

Таткото посочил дека има незадоволство кај другите родители. Според него, во групата од петгодишни деца имало само една училница, што создавало тешкотии за семејствата кои не сакале нивните деца да учествуваат во такви активности.

Случајот покренува прашања за содржината на програмите за рано детско образование, контролата врз активностите на општинските образовни центри и правото на родителите да одредат во кои религиозни активности треба да учествуваат нивните деца.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?