Полицијата во Охрид приведе 51-годишен жител на градот, осомничен дека со месеци испраќал недолични пораки и фотографии на 17-годишно девојче и барал од неа експлицитни снимки. Случајот е откриен на 24 август околу 22 часот, кога полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Т.Т. (51), по претходно документирани сомневања дека од април годинава преку апликација на социјална мрежа во повеќе наврати воспоставувал недозволена комуникација со малолетничката.
По судска наредба извршен е претрес во неговиот дом. Притоа биле пронајдени и одземени мобилен телефон, како и ловечка пушка „Застава“ со калибар 12 мм. Лицето е задржано во полициска станица, а во координација со јавен обвинител ќе биде поднесена соодветна пријава.
Надлежните апелираат родителите да внимаваат на онлајн-активностите на своите деца и да пријават сомнителни контакти или содржини. Секое заведување, уценување или барање експлицитни фотографии од малолетни лица претставува кривично дело и се санкционира со закон.