Додека на УС Опен ја брка рекордната 25-та грен-слем титула, Новак Ѓоковиќ не ги заборави кошаркарите на Србија – особено капитенот Богдан Богдановиќ, кој се повреди за време на Европското првенство во Рига. „Штом прочитав дека се повредил, веднаш стапив во контакт. Рече дека ќе биде добро и дека не е ништо страшно, но денес (недела) видов дека, за жал, нема да игра,“ изјави Ѓоковиќ за српските новинари во Њујорк, пренесе „Спорт Клуб“.
Српскиот ас откри дека по вториот телефонски разговор станало јасно оти повредата е посериозна од првичните надежи. „Му дадов неколку предлози како можеби да го забрза опоравувањето, но изгледа дека овојпат тоа нема да помогне,“ додаде тој, изразувајќи жалење што селекцијата ќе мора без својот лидер.
Ѓоковиќ не го криеше и личниот став за капитенот: „Богдан ми е веројатно најдраг наш кошаркар, имаме убав и пријателски однос. Капитен е, сите го сакаме. Огромна поддршка за него и за сите момци, се разбира.“ Иако смета дека неговото отсуство е голем хендикеп за „орлите“, Ѓоковиќ верува дека Богдановиќ и од клупата ќе биде клучен: „Го знам каков е – веројатно се ‘јаде’ што не е на паркетот. Но убеден сум дека ќе даде морална, психолошка и менторска поддршка, особено на помладите што се борат за медал.“
Паралелно со поддршката за кошаркарите, Ѓоковиќ во Њујорк ја бара историјата на тенискиот терен. Неговиот фокус е поделeн, но пораката е јасна: спортската солидарност не мирува ни кога се игра за најголемите трофеи.