„Оземпик економија“: Данска го преполови растот за 2025

Данска драстично ја намали проекцијата за економски раст за 2025 година – од 3% на 1,4% – по разладени очекувања за фармацевтскиот шампион Ново Нордиск, производител на Wegovy и Ozempic. Слабеењето на извозот, конкуренцијата од американскиот Eli Lilly и новите трговски бариери во САД ја скинаа „фарма-пресметката“ која лани ја подигна данската економија; без фармацијата, Данска во 2023 речиси и да немаше раст.

Прилагодување на прогнозата не е само данска приказна. Пазарите веќе ценат дека GLP-1 бумот навлегува во фаза на нормализација: послаба побарувачка во САД поради залихи, притисок на цени и конкуренција, како и нови американски тарифи за увоз на бренд лекови од ЕУ што го поскапуваат извозот – комбинација која ја лади еуфоријата околу „чудесните инјекции“.

Иронијата е што истите лекови би можеле да ја подигнат продуктивноста на големите економии. Неколку големи инвестициски куќи проценуваат дека GLP-1 терапиите сами по себе би можеле да го подигнат нивото на БДП на САД за околу половина процент – па дури и над 1% во сценарио со високо усвојување – преку помалку боледувања, повисоко учество на пазарот на труд и помал товар од хронични болести.

Во меѓувреме, трговијата и услугите веќе чувствуваат микро-поместувања. Првите сигнали дојдоа од најголемите малопродажни ланци: кошничките на купувачи кои користат GLP-1 се со помалку артикли и малку помалку калории, што упатува на тивка пренамена на потрошувачката кон поздрава храна и помали порции.

Ефектот го пресметува и авијацијата: анализи покажуваат дека ако просечниот патник „ослаби“ за околу 5 килограми, голем американски превозник би заштедил десетици милиони долари годишно на гориво. Иако овие се хипотетички заштеди, тие добро ја доловуваат колку широко се разлеваат ефектите од GLP-1.

Статистиките покажуваат колку концентрирана стана данската приказна: фармацевтиката беше клучниот мотор за 2023; затоа, забавувањето на Ново Нордиск – поради конкуренцијата на Zepbound/Mounjaro од Eli Lilly, снабдувачки тесни грла и ценовен притисок – директно се пресликува во официјалниот макро-аутлук.

Дополнителна неизвесност носат американските тарифи за европска фарма – политичко-трговска рамка што имплицира повисоки трошоци за бренд лекови и потенцијално пренасочување на синџирите на снабдување. За мала, отворена економија како Данска, која силно се потпира на фарма-извоз, ваквите шокови брзо „влегуваат“ во БДП.

Глобалната слика останува експанзивна. Последните прогнози на инвестициски банки го кренаа врвот на светскиот пазар за лекови против дебелина до околу 150 милијарди долари до 2035 година, со сценарио на усвојување што се споредува со воведувањето на смартфоните. Во САД моментално GLP-1 користат околу 8 милиони пациенти, а бројката може да порасне до 30 милиони до 2035; глобално, до една десетина од „елигибилната“ популација би била на некаква форма на GLP-1 терапија.

Краткорочно, Данска покажува дека „GLP-1 економијата“ е двосек меч – може да напумпа БДП кога извозот лета, но и да го скине кога конкуренцијата се заострува, цените се компресираат и трговските правила се менуваат. Среднорочно, доколку клиничките индикации се шират (кардиоваскуларен ризик, бубрежни исходи) и пристапноста се подобрува (орални формулации, пониски цени), ефектите врз продуктивноста и јавното здравје можат да станат сопирачка за здравствени трошоци и туркач на економскиот раст.

Зачлени се на нашиот е-билтен