Во Грција се затвораат над 750 училишта поради драматичен пад на бројот на ученици

Грција во новата учебна година ќе затвори повеќе од 750 училишта, откако наглиот пад на наталитетот доведе до сериозен недостиг на ученици. Станува збор за повеќе од 5 проценти од вкупниот број училишта во земјата, кои главно се наоѓаат во рурални средини и на острови, но и во делови од Атина. Властите предупредуваат дека земјата се соочува со „демографски колапс“.

„Училниците денес ја одразуваат реалноста на бројот на раѓања, кој за жал со децении опаѓа во нашата земја,“ изјави министерката за образование Софија Захараки.

Според податоците на Министерството за образование, бројот на ученици во основните училишта за седум години се намалил за повеќе од 111.000, што претставува пад од речиси 20 проценти во споредба со 2018 година.

Оваа година, 766 од вкупно 14.857 училишта во Грција ќе бидат затворени поради тоа што немаат најмалку 15 ученици – законскиот минимум за работа. Иако постои можност дел од училиштата повторно да се отворат доколку бројот на ученици се зголеми во рок од три години, најчесто тоа не се случува.

Исклучок се прави во граничните региони и на островите во близина на Турција, каде училиштата остануваат отворени дури и со мал број ученици. На пример, на малото островче Псеримос, оваа година за првпат од 2009 ќе работи училиште со само две деца во основното образование и тројца во градинка.

„Државата одржува училишта со помалку ученици отколку што законот дозволува – тоа е скапа одлука, но сметаме дека е неопходна,“ додаде Захараки.

Демографскиот пад во Грција започна за време на должничката криза во 2010-тите. Од 2011 година наваму, бројот на починати секоја година е поголем од бројот на новородени. Според пописните податоци, бројот на жени во репродуктивна возраст (20–40 години) се намалил за половина милион помеѓу 2001 и 2021 година, што претставува пад од 31 процент.

Масовната емиграција на млади Грци во странство дополнително ја влоши ситуацијата, па до 2022 бројот на годишни раѓања падна под 80.000, додека бројот на смртни случаи во 2023 беше речиси двојно поголем. Денес, Гркинките го имаат своето прво дете во просечна возраст од над 32 години, а наталитетот е 1,35 – еден од најниските во Европа.

Според експертите, економските стимуланси сами по себе нема да бидат доволни за да се запре негативниот тренд.

„Ниту едно дете нема да остане без пристап до образование, без разлика колку е оддалечен неговиот дом,“ уверува министерката Захараки, иако демографите предупредуваат дека затворањето на училиштата особено ги погодува селските средини, каде децата често мора да патуваат и по 80 километри секојдневно за да одат на училиште.

Зачлени се на нашиот е-билтен