До денеска само околу 500 службени возила низ државата добиле специјални регистарски таблички, информираше директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски. Тој порача дека институциите мора да го рационализираат бројот на автомобили, дел да ги брендираат, а нефункционалните да ги продадат или расходуваат.
„Во моментов имаме околу 500 брендирани возила. Голем број се во процедура, а за две недели ќе направиме краен пресек“, рече Томовски за време на посетата на општина Гази Баба, една од првите која ги заменила табличките.
Покрај тоа, денеска ќе биде објавен и телефонски број и меил адреса на кои граѓаните ќе можат да пријавуваат злоупотреба на службените возила. СОЗР ќе ги проследува пријавите до институциите, кои ќе мора да постапуваат со дисциплински или други законски мерки.
Според Томовски, од вкупно околу 7.500 службени возила во државата – во кои се вклучени МВР, АРМ, брза помош и други институции – за функционирање на администрацијата потребни се најмногу 2.000. „Сè останато е вишок и мора да се рационализира“, нагласи тој.
Од 220 возила што СОЗР ги има во сопственост, 50 веќе се обележани, а дел ќе бидат продадени или расходувани за да се намалат трошоците.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека општината е пионер во имплементација на систем за јасна идентификација на службените возила. „Воведовме и 24-часовен систем за следење на сите општински возила. А мој личен пример е дека четири години мандат не сум користел службено возило ниту еден ден,“ рече Стефковски.