Денес започна Европската недела на мобилност, која оваа година се одбележува под мотото „Mobility for Everyone“ (Мобилност за сите) и ќе трае до 22 септември. Целта е да се поттикне одржлив, достапен и правичен транспорт за сите граѓани – без разлика на приходите, местото на живеење, полот или физичките способности.
Во фокусот е борбата против т.н. „транспортна сиромаштија“, односно ситуациите кога луѓето поради високите трошоци или недостигот од превозни опции се соочуваат со ограничен пристап до работа, образование и основни услуги.
Неделата на мобилност се одбележува во голем број градови низ Европа, меѓу кои и Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Штип и Тетово, каде што се организираат настани за промоција на пешачењето, велосипедизмот и користењето на јавен превоз како здрави, безбедни и одржливи решенија.
Во рамки на иницијативата, поддржана и од Европскиот социјален климатски фонд, ќе се нагласува потребата од инвестиции во достапни и еколошки транспортни системи, како и поголема свест кај граѓаните за придобивките од одржливата мобилност.