„НаТочак“ до Тошковски: Заслужуваме барем одговор за нашите предлози за безбеден сообраќај

На 15. мај 2025 година, граѓанската иницијатива НаТочак, преку платформата ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија), поднесе сет од стручно образложени предлози за измена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЗБСП), со цел подобрување на безбедноста на ранливите учесници во сообраќајот – особено велосипедистите и пешаците.

Иако сите предлози беа објавени на ЕНЕР согласно процедурите, во верзијата на законот испратена од МВР до Собранието на 4. август 2025 година, како и во верзијата усвоена на 12. септември 2025 годинаниту еден од предлозите не е прифатен, а првпат досега Министерството за внатрешни работи не достави образложение за нивното отфрлање.

Овој преседан поттикна НаТочак да испрати јавно отворено писмо до министерот Панче Тошковски, во кое изразува разочарување од декларативно транспарентниот процес и од отсуството на институционална комуникација.

„Членовите на НаТочак и наши стручни соработници од релевантни области ги доставија своите предлози волонтерски, одвојувајќи време и експертиза. Заслужуваме барем одговор, како што тоа било случај во минатото“, се вели во писмото.

Клучни предлози на НаТочак кои не се прифатени:

  • Воведување на дефинициите за велосипедски пат и велосипедска улица заради услогласување со регулатива на Министерството за транспорт
  • Гарантирана безбедност на пешачкото и на велосипедското движење за време на градежни работи кои ги прекинуваат нивните патеки
  • Забрана за користење електронски уреди при возење и за возачите на автомобили, не само за возачите на велосипеди, тротинети, трактори и сл.
  • Пропорционалност на казните за користење на електронски уреди во сообразност со степенот на одговорност, односно 20 евра казна за пешаци, 40 евра казна за велосипеди и 60 евра за возачи на автомобили, наместо моменталното: 40 евра за пешаци, 50 евра за велосипеди и 40 евра за автомобили. 
  • Ново стандардно брзинско ограничување за населени места да стане 30 км/час, а 50 км/час да биде само за (дел од) улиците кои имаат слободни тротоари и осветлување. Да се докажува која улица заслужува 50 км/час, а не 50 да е стандардот, а да се докажува која заслужува 30 км/час
  • Дефинирање на сообраќајните правила за велосипедска улица (дозволено возење велосипед на средина на лента) и за contra-flow ленти (дозволено возење велосипед спротивно од правецот на движењето на возилата ако тоа е предвидено и означено)
  • Дозволување на примена исклучиво на сертифицирани велосипедски приколки за превоз на деца
  • Определување на минимално странично растојание при претекнување на велосипедист кој се движи на пат без велосипедска инфраструктура 
  • Забрана за отворање на врата на паркирано возило без да се провери дека тоа не ја загрозува безбедноста (Примена на The Dutch Reach)
  • Преиспитување на одредбата за системот Безбеден град според која не само што возилата под придружба и возилата со првенство на минување не се санкционираат, туку за нив не важи ни документирањето на прекршоци и изготвувањето записници врз основа на снимен материјал.

НаТочак потсетува дека во претходни циклуси на законски измени (вклучително и во 2014 година), дел од нивните предлози беа прифатени, а за останатите беше добиено официјално образложение (https://natochak.blogspot.com/2014/10/blog-post_28.html). Затоа, организацијата апелира до МВР и надлежните институции да покажат поголема отвореност, транспарентност и почит кон граѓанскиот ангажман и да ги земат предвид предлозите во наредниот сет на измени кој очекуваат да биде наскоро. 

Целосниот текст на отвореното писмо може да се прочита на блогот на НаТочак:
 https://natochak.blogspot.com/2025/09/blog-post_16.html

Сите предлози и нивните подетални образложенија може да се прочитаат на овој линк:

https://natochak.blogspot.com/2025/05/blog-post.html

Зачлени се на нашиот е-билтен