Јордановска: Извини, ангелу најубав, што си се родила тука, во овој трул систем

Јордановски за трагичната и сурова смрт на Росица Коцева

Новинарката Мери Јордановски, со емотивен, но и остро осудувачки текст на социјалните мрежи, реагира на трагичната и сурова смрт на Росица Коцева, која заедно со нејзиниот татко Киро Коцев е убиена во Велес.

Јордановска споделува дека убиецот бил повеќе пати пријавуван за закани, насилство и други кривични дела што ги сторил кон Росица и нејзиното семејство.

Објавата на Мери Јордановска ви ја пренесуваме во целост:

Ова е патот на една жена која крвнички се труди да најде правда и заштита од македонските институции, откако е физички и психички малтретирана, со месеци и месеци, од нејзиниот бивш партнер.

Росица од вчера не е меѓу нас. Убиена е, исто како и нејзиниот татко, со убоди од остар предмет од психопатот.

Како бе луѓе, како не гледате овде системски проблем?

25.03.2025 година – сега убиената Росица пријавува дека во декември претходната година психопатот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и и нанел лесна телесна повреда од чл.130 ст.2 од Кривичниот законик.

10.04.2025 година – Основното јавно обвинителство Велес против психопатот кој ја уби Росица, поднесува Обвинителен предлог за 2 случаи:

– Загрозување на сигурноста од член 144 ст.3 вв ст.1 за настан на 20.02.2025 година

– Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 за настан ноќта меѓу 03.03.2025 и 04.03.2025 година со нанесена полесна телесна повреда на партнер на оштетената.

Психијатриското вештачење покажало дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон Росица.

18.05.2025 – Убиецот се приближува до домот на Росица, го одзема и го пали автомобилот во сопственост на нејзиниот татко.

21.05.2025 година – Росица го пријавува монструмот за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство, тој не ги почитува и постојано ја вознемирува.

26.06.2025 година – издадена е наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видео надзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува (ОД ЈУНИ – СЕ УШТЕ ПОСТАПУВА?!).

09.09.2025 година – Росица дава исказ во ОЈО Скопје и се изјаснува дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот.

10.09.2025 година – Основниот суд во Велес носи пресуда со која му изрекува алтернативна мерка – УСЛОВНА ОСУДА??! на монструмот. Останува забраната за приближување и воспоставување контакти со Росица и нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството.

Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството немало можност да се произнесе по неа со евентуална жалба!

Само 5 дена подоцна, Росица е нејзиниот татко се мртви!

Извини, ангелу најубав, што си се родила тука, во овој трул систем. Почивај во мир.

Зачлени се на нашиот е-билтен