Ѓоковиќ за пензионирањето: „Ќе биде емотивно, но спортот ќе продолжи да биде дел од мојот живот“

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, еден од најголемите спортисти на сите времиња, проговори за предизвикот кој го очекува на крајот од неговата кариера. Иако тенисот ќе загуби еден од своите најголеми шампиони, Ѓоковиќ истакнува дека љубовта кон спортот ќе остане присутна и по пензионирањето.

„Секогаш се обидував да размислувам за работите надвор од тенисот, особено во последните 12-15 години. Слушнав од колегите и други спортисти за менталната борба по завршувањето на кариерата. Не мислам дека може целосно да се подготвите за тоа. Да, ќе биде тажен ден кога ќе го напуштам тенисот, многу емотивно, но адреналинот што го носи спортот мора да се канализира поинаку“, рече Ѓоковиќ во поткастот на Џеј Шети.

И покрај приближувањето на крајот на најуспешната кариера во историјата на тенисот, Ѓоковиќ нагласува дека ќе продолжи да биде посветен на активниот живот. „Ги сакам спортовите и ќе ги играм целиот мој живот. Клучно е човек да биде активен. Тенисот е голем дел од мојот живот, но имам и други интереси – благосостојбата, здравиот живот, исхраната, вежбањето, сонот. Малите чекори во таа насока се вредни и имаат ефект. Дури и некои спортисти не ја сфаќаат важноста на хидратацијата и правилната исхрана“, додаде тој.

Ѓоковиќ ќе продолжи да се натпреварува и против најдобрите, а спортската публика ќе го следи со внимание моментот кога еден од најголемите тенисери на сите времиња ќе се збогува од терените, со длабока почит кон играта која го направи познат во целиот свет.

Зачлени се на нашиот е-билтен