Долниот дом на италијанскиот парламент одобри владина резолуција со која значително се поедноставува процедурата за снабдување на Украина со оружје до крајот на годината, наведува РАИ, пренесува Укринформ.
„Украина доби зелено светло од Домот на пратеници, кој го продолжува овластувањето за трансфер на воени возила, материјали и опрема во Кијив за една година, до 31 декември 2023 година“, се вели во написот.
Се додава дека 215 пратеници ја поддржале одлуката, а 46 гласале против. Меѓу пратениците кои се спротивставија на одлуката беа главно членови на проруската опозициска група Движење пет ѕвезди.
Со оваа одлука, парламентот ѝ дозволи на Владата да обезбеди воена помош за Украина преку меѓуресорски резолуции, иако според сегашниот италијански закон за тоа беше потребна согласност од законодавците.
Италијанската влада претходно најави подготовка на шестиот пакет воена помош за Украина, кој треба да вклучува наведувани ракети Аспид.
Подготви: Д. Мишев