Свеченото отворање е закажано во 20 часот во Центарот за култура -Битола, со проекција на филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар- Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија. Сценографијата е на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс, заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други.
Идејата за филмот се развила пред повеќе од 10 години кога сестрите Теона и Лабина Митевски работеле на документарецот „Тереза и јас“, поддржан од јавниот сервис. Оттогаш започнала соработката со писателот Гоце Смилевски, кој го потпишува сценариото за „Мајка“, заедно со Теона Митевска и Елма Татарагиќ.
„Мајка“ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, Креативна Европа – МЕДИА (Creative Europe – MEDIA), Данскиот филмски институт, „Belgium Tax Shelter“, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови и Филмскиот фонд од Сараево.
Во Битола веќе пристигнаа првите гости. Црвениот килим е поставен пред Центарот за култура во Битола. Градот го добива сјајот на филмскиот фестивал во чест на браќата Манаки и е подготвен за вечерашното отворање.