Кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на СДСМ, Костадин Ацевски, во ново видео го претстави својот план за изградба на нова сообраќајна артерија што ќе ги поврзе Волково, Кисела Јабука и Ново Село. Тој истакна дека ова е само еден од приоритетите со кои општината конечно ќе добие функционални решенија за метежот во сообраќајот.
Планираната траса ќе започне од „Даме Груев“, ќе продолжи по „Лепенечка“ до пречистителната станица во Ново Село, а од таму ќе се протега по течението на реката Лепенец сè до улицата „22“ во Волково. Со вакво решение, жителите ќе заштедат најмалку 10 минути при патување, а ќе се намали и притисокот врз „Волковска“ и „Лука Геров“ – единствените улици што моментално го носат целиот сообраќај во тој дел од Општината.
„Ова е проект што ќе отвори нова перспектива за општината. Ѓорче Петров не смее да остане заробен во сообраќаен хаос. Трасата веќе постои, потребно е само соодветно сообраќајно решение, а со дополнитен план преку оваа траса овој дел од Ѓорче Петров ќе се поврзе и со општина Карпош“ нагласи Ацевски.
Во изминатите четири години, Ѓорче Петров беше сведок на неконтролирана изградба на нови згради. Урбанизацијата не беше следена со соодветна инфраструктура – особено со нови улици. Наместо планско развивање на општината, на теренот се создаваат тесни грла што секојдневно им одземаат време и трпение на граѓаните.
„Она што навистина ѝ недостига на нашата општина се нови улици. Кога се гради, мора да се мисли и на пристапот, на поврзаноста, на секојдневниот живот на граѓаните. Ѓорче Петров мора да расте со план, не со хаос,“ порача Ацевски.
Ацевски најави дека во неговиот мандат еден од главните приоритети ќе биде создавањето нови сообраќајни решенија што ќе значат побезбеден и побрз проток на сообраќајот низ општината.
„Мојата визија за Ѓорче Петров е јасна: општина во која секоја нова зграда има соодветна пристапна улица, во која децата патуваат безбедно, а возрасните не губат време во сообраќаен метеж. Тоа е можно – со план, со работа и со вистинска грижа за секој жител,“ изјави кандидатот.