Започнува Маалски Фестивал во организација на Јадро со богата и разновидна програма

Културниот центар Јадро го најавува четвртото издание на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 4.0, кое ќе се одржи од 25 до 27 септември 2025 година на повеќе локации во Општина Центар – Скопје.

Ве очекуваат настаните во КСП Центар – Јадро, Парк на Франкофонија, ТЦ Буњаковец и Природонаучниот музеј.

Овогодинешното издание на фестивалот е во духот на солидарноста и соседството. И оваа година ве покануваме на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ за заеднички да ги запоседнеме маалските улици и да ги исполниме со убавина која недостасува. Ајде сите на креативен дијалог, на раскажување стари приказни и креирање нови. Време е да ги шараме нашите улици со спомени и уметност.

Како и секогаш, фестивалот останува верен на својата мисија, да создава простор за колективно обликување на културата, дружење, заедничко учење и забава.

Ова е целата програма:

ЧЕТВРТОК 25.09

12:00 – 16:00 | Приказни од Природнонаучен | Детска работилница за креативно пишување со Марија Бошковска, во соработка со ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ | Природнонаучен музеј

Дали некогаш сте сонувале да поминете една ноќ во Природнонаучниот музејЈ?

Така ќе заврши нашата авантура наречена „Приказни од Природонаучниот музеј“ – работилница за креативно пишување за деца. А, започнува со соработка помеѓу КСП Центар – Јадро, Општина Центар, ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ и Природонаучниот музеј.

За време на работилницата ќе го истражуваме музејот, ќе читаме песни за животни, ќе откриеме кои се животните за кои ние сакаме да пишуваме, а на крај ќе направиме и изложба од нашите новонапишани приказни.

Работилницата ќе ја води Марија Бошковска, нашата програмска координаторка која во слободно време е и едукаторка и авторка. Последните три години создава програма за креативно пишување наменета за деца и млади. Како авторка се појавува во повеќе изданија и има пишувано проза, поезија, книжевни и филмски рецензии како и приказни за деца.


12:00 – 16:00 | Работилница за изработка за све и свашта во маало | Изработка и поправка на урбана опрема + поправка на велосипеди со Никола Писарев и Озбек Ајваз | Парк на Франкофонија

Оваа работилница е вистинска прилика да ги засукате ракавите и да го разубавите маалото под слоганот „старо купувам, ново создавам“.

Нашиот еден и единствен Никола Писарев, активист и уметник, и уметникот Озбек Ајваз ќе ве чекаат во Парк на Франкофонија за заедно да ги мапирате оштетените елементи на урбаната опрема, па да научите како да ги одновите за на крај и да ги поставите старо-новите корпи и клупи што ќе ја разубават нашата општина. Секако, и оваа година не ги забораваме нашите крзнести соседи, ајде заеднички да учиме како се градат куќички за маалските кучиња, мачиња и птици.

А ако ова не ви е доволно, дојдете на делот Сам свој точкар! Тука ќе научите: 🔧 како да го сервисирате својот велосипед, како да ја поправите кочницата, како да залепите гума, и како да го одржувате својот велосипед.

Ако имате стар расипан или полуисправен велосипед обавезно донесете го! Ќе пробаме да го поправиме на лице место, а добро е да си понесете и резервни делови за менување.


12:00 – 15:00 | Dreamer | Промоција на колекција на накит на Елена Ристовска | КСП Центар – Јадро

Ова мало изненадување, промоција на колекцијата накит од соништата, ви го спремивме во соработка со Елена Ристовска. Ексклузивно на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ ќе можете да ја погледнете нејзината мини колекција составена од 5 ланчиња изработени од месинг и емајл – „Сонувач / Dreamer“.

Елена Ристовска (@elena1ristovska) практикува сопствен модел на креативно изразување преку кој создава дела кои обземаат и ги водат сетилата, атакувајќи со својата разноликост и наративност. Во 2008 година ја започнува својата „игра со металите“, воведувајќи нови техники на обработка на материјали, кои префинето ги вградува во своите дизајни.


13:00 – 17:00 | Обоени приказни | Повеќегенерациска работилница за изработка на мурал со Зорица Зафировска | КСП Центар Јадро

Во четврток, пред КСП Центар – Јадро, ќе ве чека и нашата уметница Зорица Зафировска, со која секој ќе има прилика да остави свој печат врз фасадата на центарот.

Работилницата „Обоени приказни“ за изработка на мурал ја воведуваме првпат оваа година и има за цел да ги вклучи сите желни и надежни уметници и аматери да вмешаат прсти во колективно уметничко дело кое ќе го краси ѕидот на Јадро цела година.

Овој ѕид станува портал за имагинација, каде што живописните нијанси и сложените наративи се испреплетуваат за да го откријат неслушнатото, невиденото и повикуват на мултигенерациско заедништво. Учесниците ќе имаат можност да ја искористат својата креативност, трансформирајќи го ѕидот во безвременски хроники кои резонираат со емоции и значење. Придружете ни се во овој заеднички потфат за да создадеме визуелни приказни што инспирираат, провоцираат размислување и го збогатуваат нашиот заеднички простор.

Не заборавајте да понесете удобна облека, ентузијазам и креативност, останатото е лесно кога ја имате Зорица како ментор.

Зорица Зафировска е уметница и културна работничка, која преку инсталации, акции и колаборативни практики истражува социо-политичките теми како, зедништво, бездомност, консумеризам и екологија. Таа е ко-основачка и членка на повеќе уметнички колективи и иницијативи, меѓу кои F.R.I.K., Art I.N.S.T.I.T.U.T. и МОМИ, а од 2013 е дел од Јадро – Асоцијација на независната културна сцена. Добитничка е на наградата за млад/а визуелен/на уметник/чка „ДЕНЕС“ (2016) и има реализирано над 20 самостојни изложби и проекти во Македонија, Њујорк, Грција и Германија.


16:00 – 19:00 | Само Сними | Работилница за аматерски филм со Јане Алтипармаков, работилница за сите генерации| КСП Центар Јадро

Сонуваш да направиш краток филм, ама не знаеш од каде да почнеш?

Почни од Маалски Фестивал! КСП Центар-Јадро со оваа дводневна филмска аматерска работилница создава простор каде приказните од твоето маало ќе оживеат на филмско платно!

Во интимна и поттикнувачка атмосфера, фокусирана на акција, наместо на теорија, учесниците ќе ги научат основите на документарниот филм, ќе формираат мали тимови и ќе излезат во околината на Јадро за да создадат сопствени проекти. Работилницата ќе заврши со премиера во Центар-Јадро за време на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 4.0

Работилница за аматерски филм „Само Сними“ оваа година ја организираме со Јане Алтипармаков, режисер, филмски и музички критичар, диџеј и арт-теоретичар. Јане сигурно ви е познат по своите документарни и кратки филмски/видео проекти, како и преку неговиот најпознат долгометражниот музичко-документарен филм The Hip – Brainstorm и визуелниот ремикс The Hip – Reality Overdrive.


ПЕТОК 26.09

12:00 – 16:00 | Приказни од Природнонаучен | Детска работилница за креативно пишување со Марија Бошковска, во соработка со ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ | Природнонаучен музеј


12:00 – 16:00 | Животински костим – Чувари на природата | Детска работилница за изработка на костими од картон со Доротеј Нешковски, во соработка со ООУ „Коле Неделковски“

Како би изгледал светот кога би бил направен од картони?
 Не мора да го замислуваш, овој петок, уметниците Доротеј Нешовски и Ана Трајковска ќе ви покажат како се создава свет од рециклирани картони и многууу фантазија.

На оваа детска работилница, која ја спроведуваме во соработка со Општина Центар и ООУ „Коле Неделковски“ , преку игра и работа ќе истражуваме како се прават маски и костими користејќи едноставни материјали.

Главна тема ни се животните и нивните царства. Ќе разговараме за загрозените видови, а потоа индивидуално и тимски ќе боиме  и кроиме костими.

Ииии црешата на шлагот… оваа шарена авантура ќе ја завршиме со мини- изложба и модна парада на која ќе ви покажеме што сѐ сме создале!

Доротеј Нешовски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, отсек вајарство, насока сценографија (2012). Тој е основач и член на уметничката група „ЅЕЕ“, а неговите интереси вклучуваат партиципативни активности, мапирања, видео селекции, истражувања и детска едукација. Од 2015 година активно организира и конципира детски работилници.


12:00 – 16:00 | Работилница за изработка за све и свашта во маало | Изработка и поправка на урбана опрема  + поправка на велосипеди со Никола Писарев  и Озбек Ајваз | Парк на Франкофонија


15:30- 16:00 Презентација на работилниците: Животински костим – Чувари на природатa и Приказни од Природнонаучен | ООУ „Коле Неделковски“

Не смеете да ја пропуштите оваа парада од животински костими и приказни!  Учениците од ООУ „Коле Неделковски“ и ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ ќе ги здружат силите и ќе создадат вистинско животинско царство.

Дојдете да ги видите нашите креации, животински костими и скроени приказни од Природнонаучен!

Ова мало шоу е само кратка и слатка најава за изложбата „Една ноќ во музејот“, изложба на костими и приказни за животни, која ќе може да ја погледнете за време на Бела ноќ во Природнонаучниот музеј.


20:00 | Официјално отворање на фестивалот и претставување на новиот мурал на фасадата на КСП Центар – Јадро / авторка Христина Иваноска  | КСП Центар Јадро

Уште на самиот влез, традиционално очекувајте да ве дочека нов мурал, кој оваа година го доверивме во вештите раце на уметницата Христина Иваноска. На оваа наша уметница не ѝ треба специјално претставување. Нашите верни посетители досега имале прилика да се запознаат со нејзината работа, креативност и уникатни уметнички пристапи, преку кои таа ги преиспитува можностите и потенцијалите на ѕидното монументално изразување, користејќи различни методи и концепти на работа.

Таа, преку својата организација Проектен простор Прес ту егзит, е ко-основачка на ЈАДРО и прв извршен директор на Асоцијацијата. Затоа особено нè израдува кога на наша покана авторката прифати да го изработи муралот на Јадро

Оваа година, преку муралот, фокусот се става на значењето и важноста на независната културна сцена, пред сè преку работата на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, основана во 2012 г., која заедно со Општина Центар е ко-основачка на КСП Центар – Јадро. За таа цел, авторката се наврати на објавите, проектите, истражувањата и публикациите кои ЈАДРО ги создаде низ годините, за да се потсетиме дека без независната мисла  и вонинституционалното делување нема вистински напредок во општеството. Независната култура не се плаши да го воочува сè она кое води кон стагнација и назадување, и креативно и одговорно да реагира на предизвиците во интерес на градење на демократско и инклузивно општество.


20:30 |Изложба и презентација на Франциска Клозе и Остен Фестивал од Битерфелд-Волфен / Германија  | КСП Центар Јадро

Во КСП Центар – Јадро со своја изложба ни гостува германската уметница и фотографка Франциска Клозе, заедно со изложба и презентација на Фестивалот ОСТЕН од Битерфелд-Волфен. Франциска Клозе од 2010 година работи на пост-индустриски предели во природен и културно-историски контекст. Создава фотографии, уметнички книги  и звучни записи  од терен. Нејзините книги  „Битерфелд“ (2015) и „Детроит“ (2021) фотографски ги документираат урбаните предели и преку текстови ги следат длабоките промени кои во нив се врежани во последните сто години.

Честа да ја изложиме Франциска Клозе им ја должиме на Гете-институт Скопје и фестивалот ОСТЕН, со кој годинава за првпат МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ го отвораме интернационално.

ОСТЕН е фестивал за уметност и заедништво. Лоциран во германскиот град Битерфелд-Волфен, град со богато индустриско и културно наследство, фестивалот е замислен како мозаик каде секој посетител може активно да учествува преку отворени работилници, уметнички активности и самостојни прошетки низ урбаниот пејзаж.

Со оваа идеја за уметност на јавен простор, заедништво и солидарност, тимот на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ налета на совршениот соработник – ОСТЕН. За оваа необична, а сепак многу логична соработка ќе дознаете повеќе на самото отворање.


21:30ч | Концерт на Калико |Хуманитарен концерт за поддршка на Кочани | КСП Центар Јадро

Петочната журка ја започнуваме со Ана, Леон, Горазд и Аце кои го сочинуваат Калико, односно 4 мачки кои прават музика која може да се опише како весел, психоделичен алтернативен блуз-рок. Темелот на запознавањето беше во Кашмир, Скопје, Македонија, Европа, планетата Земја. 

Дојдете, слушајте, играјте и уживајте! Имаме уште многу од патов.


22:30ч | Концерт на Корка |Хуманитарен концерт за поддршка на Кочани | КСП Центар Јадро

Ова не е концерт за почетници! Ова е енергично музичко искуство кое ќе ве втурне во свет со изразена DIY естетика, мрачна атмосфера и текстови што се движат од апсурд до социјален коментар. Во петок, облечете ги чевлите за правење врева и дојдете да ги слушаме Корка!  Гласен петчлен бенд од Кочани, кој инкорпорира множество елементи од дисонантниот нојз рок од 90-тите и бурната алтернативна рок сцена.

Со својот истоимен ЕП, преку бучни рифовии вокали кои одекнуваат силно, ви го претставува ужасниот живот на анти-херојот Ристо.

Во својот звук комбинираат суровост, енергија и тематска апатија што ја отсликува реалноста на младите денес, затоа Корка остава впечаток како еден од најсвежите гласови на македонската алтернативна сцена.

Концертите, како и целосната фестивалска програма, имаат хуманитарен карактер. Не заборавајте да ја побарате кутијата за донации и да донирате. Сите средства собрани за време на фестивалските денови ќе бидат доставени до иницијативата SUPPORT KOCANI.

САБОТА 27.09

11:00 – 17:00 | Маалски базар на артизани и мал саем на книги | ТЦ Буњаковец

(Во премините помеѓу Аптека Виола и кај Стопанска Банка)

И овој МААЛСКИ се гледаме во ТЦ Буњаковец (Во премините помеѓу Аптека Виола и кај Стопанска Банка) за нашиот и ваш омилениот настан – Маалски базар на артизани и мал саем на книги.

Од вештите раце на нашите уметници и внимателно одбраните книги на нашите издавачи, секој ќе може да избере уникатен подарок за некој драг или за себе. Оваа година на базарот ќе ни гостуваат и артизани од Струга и Кочани, па не се изненадувајте ако меѓу познатите лица сретнете и нови кои ќе ве воодушеват со своите рачни изработки.

И најважната информација, не заборавајте да го побарате штандот на КСП Центар – Јадро кој за прв пат го поставуваме оваа година. Таму ќе најдете second hand облека и кутија за донации. Останатото е лесно, земете облека и оставете парична донација.

Уметници, дизајнери, second hand, артизани: Ема Морисон, Трифтаџики, Koi, Чудно Ќоше, Марси Дизајн, Niche design Струга, Џемилијана Абдулова, Хеклана, Александра Петковска

Храна: Seed of life, Арсов Винарија 

Издавачки книги: Темплум, Партизан принт


12:00 – 14:00 | Работилница за изработка на накит со Ивана Стеваноска| ТЦ Буњаковец

(Во премините помеѓу Аптека Виола и кај Стопанска Банка)

На Маалскиот базар, на штандот на КСП Центар – Јадро,  ќе ја најдете Ивана Стеваноска, со која ќе може не само да разгледате уникатен накит, туку и самите да се обидете да создадете нешто свое.

Ова е прекрасна можност да научите нова вештина, да се инспирирате и да понесете со себе парче рачно изработена магија. Ве очекуваме на!


12:00 – 16:00 | Работилница за културен менаџмент со Виолетна Качакова и Роберт Алаѓозовски | КСП Центар Јадро

Креативци, уметници, културњаци!  Дали сте подготвени да бидете дел од обука што носи промени?

Во КСП Центар – Јадро нашите соработници, ЗГ Есперанца – Светски културен центар и Институтот за медиуми и аналитика – ИМА, организираат Работилница за културен менаџмент. Станува збор за обука која ќе ги унапреди вашите вештини за пишување проекти, прецизно и креативно читање на проектните повици од нашите министерства и агенции, дизајнирање концепти за интеркултурна соработка, како и запознавање со регионални и меѓународни можности за аплицирање и поддршка.

Оваа активност е дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“, поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“.


12:00 – 15:00 | Работилница за изработка на чуднозвучни инструменти со Владимир Лукаш | ТЦ Буњаковец (Во премините помеѓу Аптека Виола и кај Стопанска Банка)

На МААЛСКИ никогаш не недостасува музика и креативност!

Со почеток во 12:00 часот, ќе се одржи Работилница за изработка на чуднозвучни инструменти, која ќе кулминира со весел концерт на малиот оркестар „Чуднозвучни инструменти“.

Ако веќе сте биле дел од оваа свирачка дружина, тогаш знаете дека чуднозвучните инструменти, изработени од зачудувачки и изненадувачки предмети, произведуваат најмилозвучна мелодија на која никој досега не останал рамнодушен. Затоа, без многу мислење, нашиот ментор, Владимир Лукаш, ве чека на музицирање!

Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет и прозаист. Учествувал на бројни групни изложби и перформанси во Македонија и во странство. Активно твори преку самостојни проекти и анимации. Живее и работи во Скопје. Во 2017, во ко-авторство со Драгана Евтимова, го издава романот „Се гледаме наскоро. Е.“. Во 2018 ја објавува книгата со 100 кратки прозни текстови „Дедлајна, љубов моја“, а три негови раскази се застапени и во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“.


13:00 – 15:00 | Раскажување на Маалски приказни | ТЦ Буњаковец

(Во премините помеѓу Аптека Виола и кај Стопанска Банка)


15:00 | Концерт на малиот оркестар „Чуднозвучни инструменти“ |ТЦ Буњаковец

(Во премините помеѓу Аптека Виола и кај Стопанска Банка)

После работилницата за изработка на чуднозвучни инструменти, секако следи чуднозвучен концерт 🎶. Новосклопената банда музичари, предводена од нашиот ментор Владимир Лукаш, ќе го раздрма саботното попладне, гостејќи ве со музика за која не сте ни можеле да сонувате.

Ве чекаме на чуднозвучен концерт!


19:00 | KRIEG / A-C-I-N-S-E-L-A-K: Експериментален видео-театарски диптих  | КСП Центар Јадро

Експериментален видео-театарски диптих, поделен на KRIEG – машка верзија и A-C-I-N-S-E-L-A-K – женска верзија; структуриран во повеќе акциони делови: војник-машина, војник-човек, krieg (војна), ескапизам-калесница, смрт, епитафи и пост-елегичната состојба на телото и душата.

Два лика (двајца војници во агонија) во огледални дејства, во апстрактна приказна за класични воени конфликти исполнети со хероизам, илузија, аго̀н, страв, бес, лутина, повреда, болка, страдање, оштетување, шок од гранатирање, умртвување на виталноста, убиена страст и романса, запечатен живот и смрт.

Пуристичка и интензивна актерска игра; без воени реквизити. Проектот е изведен и снимен на старите германски воени гробишта во Битола (од Првата светска војна; воени некрополи изградени во нео-готски стил).

УЛОГИ И ЕКИПА:

  • Иванка Апостолова Баскар – креативен продуцент/режија/адаптација/визуелна драматургија
  • Здравко Стојмиров – машки војник во агонија
  • Филарета Атанасова – женски војник во агонија
  • Михаило Апостолов – камера/монтажа, атмосферски звук
  • Весна Апостолова Бришкоска – фотографија
  • Луна Шаламон – експериментални цртежи направени со лични медикаменти

(Продуценти – Македонски центар ITI/PRODUKCIJA)

Поддржано од Creative Europe/ЕУ 🇪🇺, проектот E.T.E.R.I.A. (чадор-проект), и Министерството за култура на Р.С. Македонија 🇲🇰 (малцинско кофинансирање).


21:30 | Филмска вечер | Проекција на филмови од работилница Само Сними, филмови од филмски фестивал Ѕирни ианимирани филмови на Ема Зафировска| КСП Центар Јадро

Секако, не го заборавивме ниту филмското катче во овогодинешната програма на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ!

Во Јадро прво ќе ги гледаме аматерските филмови создадени за време на работилницата „Само Сними“. А по оваа проекција, со голема радост најавуваме уште една убава соработка, овојпат со локалниот фестивал за филм и музика „Ѕирни“.

 За оние што не слушнале, тимот на „Кафе и филм Котур“ во моментов го подготвува седмото издание на нивниот фестивал „Ѕирни“. Нив ќе ги оставиме да ви раскажат повеќе за овогдинешното издание, а за време на МААЛСКИ ќе се вратиме малку назад во времето и ќе се потсетиме на победниците од минатогодишното издание. Ова е нашата кратка и слатка најава за она што следува во нивната фестивалска програма, која навистина не смее да ја пропуштите!

Крајот на филмската вечер го резервиравме за анимираните филмови на младата режисерка Ема Зафировска. Сите нејзини студентски филмови се инспирирани од вистински животни приказни и луѓе кои таа сака да ги документира и анимира.


22:30 | Концерт на Големата вода | КСП Центар Јадро

Во сабота не смее да ве пуштиме да си одите без добро да се изнаиграте. За фајронт маалската забава ќе се погрижи бендот Големата вода, млад алтернативен бенд од Скопје создаден во 2024-та година.

Во Јадро*очекувајте да ве дочека скромна посада од четири музички морепловци, кои штотуку ги добија своите морнарски капи, одлучија храбро да пловат по нималку наивните творечки води. Можеби се на пат кон Сентерлевиот рид?

Или, во превод, Големата Вода е бенд чија цел е да создава музика која претставува рефлексија на градот, а љубовта која ја имаат за музиката предизвикува жанровски спојки кои не ги почитуваат нејзините таканаречени „правила“.


23:00 | DJ Боријан | КСП Центар Јадро

DJ Боријан 🎧 ќе ја претвори саботната ноќ во незаборавна маалска журка. Очекувајте енергична музика, мешавина од познати и нови звуци и атмосфера што ќе ве држи на нозе до доцна во ноќта.

Со оваа забава официјално ќе го затвориме МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 4.0, но сигурни сме дека приказните, пријателствата и спомените создадени во овие три фестивалски дена ќе продолжат да живеат долго потоа.

Затоа дојдете, донесете добро расположение и бидете дел од најубавата маалска приказна!

Зачлени се на нашиот е-билтен