Поранешниот британски премиер Сер Тони Блер учествува во разговори за предводење поствоена транзициска власт во Појасот Газа, дознава BBC. Работниот предлог, што наводно има поддршка од Белата куќа, предвидува Блер да раководи со привремена управна структура поткрепена од ОН и од земји од Заливот, со намера по определен период управувањето да се предаде на палестински власти. Кабинетот на Блер порача дека тој не би поддржал никаков аранжман што подразбира раселување на населението од Газа.
Според извори запознаени со процесот, Блер со месеци е дел од консултациите на високо ниво со САД и други партнери за „ден-потоа“ архитектурата во Газа. Во август присуствувал и на состанок во Белата куќа со претседателот Доналд Трамп, на кој – како што изјави американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф – биле разгледани „многу сеопфатни“ планови, иако детали не беа објавени.
По заминувањето од Даунинг стрит во 2007 година, Блер беше посредник на Блискоисточниот квартет (САД, ЕУ, Русија и ОН), фокусиран на економски развој и услови за решение со две држави. Неговото политичко наследство, меѓутоа, е обременето со одлуката да ги испрати британските сили во Ирак во 2003 година – чекор сериозно критикуван во официјалната истрага, која утврди дека делувал врз погрешни проценки за оружје за масовно уништување.
Извештаите за можна улога на Блер се појавија непосредно откако палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека е подготвен да соработува со Трамп и со други светски лидери на план за мир со две држави. Абас категорично одби идно управувачко место за Хамас во Газа и постави услов за негово разоружување. Паралелно, Обединетото Кралство – заедно со Франција, Канада, Австралија и уште неколку држави – формално ја призна државата Палестина, потег што Израел и САД го осудија како „наградa за Хамас“.
Војната во Газа започна по нападот на Хамас врз југот на Израел на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени околу 1.200 лица и 251 беа киднапирани. Оттогаш, според Министерството за здравство во Газа под раководство на Хамас, во израелските операции загинале најмалку 65.419 луѓе. Комисија на ОН соопшти дека Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа, обвинение што Израел категорично го негира.