Њујорк – главен град на светското богатство

Њујорк повторно го зазема врвот на листата на градови со најмногу милионери во светот, потврдувајќи ја својата репутација како финансиски центар на глобалната елита.

Според новата анализа на британската консултантска фирма „Хенли и партнерс“, во Њујорк моментално живеат 384.500 милионери, што е зголемување во однос на минатогодишните 349.500. Од нив, 818 имаат имот над 100 милиони долари, а 66 се милијардери.

На второто место се наоѓа Сан Франциско, со 342.400 милионери (наспроти 305.700 минатата година), меѓу кои се 756 ултрабогати со повеќе од 100 милиони долари и 82 милијардери. Токио е на третото место со 292.300 милионери, меѓу кои 262 со богатство над 100 милиони долари и 18 милијардери.

Анализата открива дека најголемиот дел од светските милионери се концентрирани во Северна Америка и Азија. Од европските градови, само Лондон и Париз влегуваат во првите десет, додека Милано е на 11. место, Франкфурт на 19., а Цирих на 20.

Во топ 20 најбогати градови се наоѓаат и Хонг Конг, Сиднеј, Чикаго, Пекинг, Осака, Шангај, Торонто, Мелбурн, Хјустон и Дубаи, што ја потврдува растечката мултиполарност на глобалното богатство — каде западните и азиските метрополи сè повеќе се изедначуваат во концентрацијата на капитал и привилегии.

Зачлени се на нашиот е-билтен