Wizz Air и Ryanair ги намалуваат летовите од Германија – можно влијание и врз регионот

Двете најголеми нискобуџетни авиокомпании во Европа, Wizz Air и Ryanair, најавија значително намалување на бројот на летови од Германија во текот на зимската сезона – одлука што би можела да влијае и врз регионалните рути, вклучително и оние кон Македонија.

Според германските медиуми, Ryanair планира да укине дел од летовите веќе од крајот на ноември, а намалувањата ќе продолжат и во декември и јануари, кога бројот на летови во Германија ќе се намали за дури 30%.

Најпогодени се аеродромите Меминген, Берлин и Келн, од каде заминуваат бројни летови кон балканските дестинации, меѓу кои и Скопје, Охрид и Приштина.

Од Wizz Air исто така потврдуваат дека ќе го намалат бројот на летови од повеќе германски аеродроми, при што некои линии ќе бидат целосно укинати до март 2026 година.

Причината, според компаниите, е спорот околу високите даноци и трошоци за летачките такси во Германија, кои ги прават нискобуџетните летови финансиски неисплатливи.

„Ако германската влада не реагира, ќе мора дополнително да ги намалиме капацитетите,“ изјави претходно Дара Брејди, директор за продажба во Ryanair.

Авио-индустријата во Германија веќе подолго време бара укинување или намалување на таксите за безбедност и контрола на летање – мерка која засега не е спроведена, и покрај тоа што е предвидена со коалицискиот договор на германската влада.

Со оглед на тоа дека голем дел од патниците од Македонија летаат преку германските аеродроми, особено кон Скопје и Охрид, намалувањето на летовите може да предизвика поскапување на билетите и помала достапност на зимските рути.

Зачлени се на нашиот е-билтен