Нобелова награда за медицина за регулаторните Т-клетки, „чуварите“ на имунолошкиот систем

Американските научници Мери Бранкоу и Фред Рамсдел, заедно со Јапонецот Шимон Сакагучи, се годинашни добитници на Нобеловата награда за медицина. Тие се наградени за своите истражувања на имунолошкиот систем, односно за откритието на регулаторните Т-клетки – клетки кои ја одржуваат рамнотежата во телото и спречуваат имунолошкиот систем да ги напаѓа сопствените ткива.

Овогодинешната награда се однесува на феноменот на периферна имунолошка толеранција – механизмот преку кој нашиот имунолошки систем останува доволно активен за да се бори со микроби, но притоа избегнува да создаде автоимуни болести.

„Нивните откритија поставија темели за едно ново поле во биомедицината и поттикнаа развој на иновативни терапии, особено за автоимуни болести и рак“, се наведува во соопштението на Нобеловото собрание при Каролинскиот институт во Шведска.

Добитниците ќе ја поделат наградата во вредност од 11 милиони шведски круни (околу 1,2 милиони долари) и ќе добијат златен медал што традиционално го доделува шведскиот крал.

Бранкоу моментално работи како виш менаџер во Институтот за системска биологија во Сиетл, Рамсдел е научен советник во „Сонома биотерапевтикс“ во Сан Франциско, а Сакагучи е професор на Универзитетот во Осака.

По објавувањето на наградата, Томас Перлман од Каролинскиот институт изјави дека повеќе од 200 клинички испитувања што ги вклучуваат регулаторните Т-клетки се веќе во тек, иако специфичните терапии сè уште не се одобрени за пазарот.

Нобеловите награди, востановени според тестаментот на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел, се доделуваат од 1901 година за исклучителни достигнувања во науката, литературата и мирот.

Зачлени се на нашиот е-билтен