Нобеловиот комитет не може да го пронајде добитникот – заминал на планинарење

Нобеловиот комитет за медицина не успеал да стапи во контакт со еден од овогодинешните добитници на престижната награда – американскиот имунолог Фред Рамсдел, кој во моментот на објавата бил на планинарење во државата Ајдахо.

Рамсдел ја доби Нобеловата награда за медицина за 2025 година заедно со Мери Брунков од Сиетл и Шимон Сакагучи од Универзитетот во Осака, за нивните откритија поврзани со функционирањето на имунолошкиот систем, особено на регулаторните Т-клетки кои го спречуваат организмот да ги напаѓа сопствените ткива.

„Се обидувам да го контактирам, но мислам дека е на планинарење во оддалечен дел од Ајдахо,“ изјавил неговиот колега и пријател Џефри Блустоун.

Комитетот имал потешкотии и при воспоставувањето контакт со Брунков, бидејќи и двајцата се од западниот брег на САД, девет часа зад Стокхолм, но подоцна успеале да ја добијат.

Според генералниот секретар на Нобеловиот комитет, Томас Перлман, обидите да му ја соопштат веста на Рамсдел продолжуваат.

Рамсдел (64), кој е виш советник во компанијата Sonoma Biotherapeutics, и Брунков (63), виш истражувач во Институтот за системска биологија во Сиетл, во 2001 година го идентификувале клучниот механизам што ја регулира имунолошката толеранција, надоврзувајќи се на откритието на Сакагучи од 1995 година.

„Нивните откритија ги поставија темелите за ново поле на истражување и овозможија развој на нови терапии за лекување на рак и автоимуни болести“, се наведува во соопштението.

Добитниците ќе ја споделат наградата во износ од околу 1,2 милиони долари и ќе добијат златен медал што ќе им биде врачена од шведскиот крал Карл XVI Густав.

Ова не е првпат Нобеловиот комитет да се соочи со слична ситуација — во 2020 година добитниците за економија, Боб Вилсон и Пол Милгром, исто така не одговориле веднаш на повиците од Стокхолм.

Зачлени се на нашиот е-билтен