Владечката партија во Италија предложи закон за забрана на бурка и никаб

Владечката партија „Браќа на Италија“ поднесе предлог-закон со кој се предвидува забрана за носење бурка и никаб на јавни места во целата земја.

Со предлогот се воведуваат казни од 300 до 3.000 евра, а како што се наведува во образложението, целта е борба против „верскиот радикализам и омразата мотивирана од вера“.

Законот е дел од поширока иницијатива насочена кон, како што вели партијата, „културен сепаратизам“ поврзан со исламот.

Доколку биде усвоен, облеката што целосно го покрива лицето ќе биде забранета во училишта, универзитети, продавници, канцеларии и сите јавни простори низ Италија.

Бурката е облека што го покрива целото тело на жената – од глава до пети, вклучувајќи и мрежест слој преку очите. Никабот, пак, е превез кој го покрива лицето, оставајќи откриено само подрачјето околу очите.

Потсетуваме, Франција во 2011 година стана првата европска земја што воведе целосна забрана за носење бурка во јавност.

Зачлени се на нашиот е-билтен