Културното наследство во нашите градови полека, речиси незабележливо, исчезнува. Заштитените објекти што опстануваат се сведени на изолирани примери од една архитектонска традиција која, за жал, исчезнува во динамичниот и често неконтролиран развој на урбаните средини.
Рушењето на спомен-куќата на Владо Малески во Струга е уште еден потсетник на нашиот однос кон културното наследство – се наведува во објавата на Македонска архитектура (МАРХ) на социјалните мрежи.
Куќата, лоцирана на улицата „Браќа Миладиновци“ бр. 16, се наоѓала спроти спомен-куќата на браќата Миладинови и галеријата на Ванѓел Коџоман. Изградена во XIX век, претставувала карактеристичен пример на струшката традиционална архитектура – со ѕидано приземје, бондручен кат и хармоничен однос со околниот простор.
Од МАРХ потсетуваат дека улицата „Браќа Миладиновци“ претставува редок пример на локална архитектонска автентичност, особено во поглед на размерот и единството на градбите, но дека токму таму продолжува процесот на архитектонско и културно разградување.
Објектот предвиден за рушење, на број 14, ја делел конструктивната мрежа со куќата на Владо Малески, а според МАРХ, историските анализи укажуваат дека двете градби потекнувале од ист период. Изградбата на нова зграда во нивна непосредна близина најверојатно довела до конструктивна нестабилност што резултирала со рушење на спомен-куќата.
„Зошто и објектот на број 14 не бил под заштита, особено ако бил дел од истиот архитектонски ансамбл?“, прашуваат од МАРХ, посочувајќи дека овој дел од градот припаѓа на Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион 2020–2029.
Од таму додаваат дека ваквите објекти треба да се рушат само кога сите можности за нивна санација се исцрпени и потсетуваат дека на плоштадот „Браќа Миладиновци“ веќе постои позитивен пример на реставрација.
„Зошто продолжуваме да дозволуваме рушење на автентични градби и нивна замена со огромни габарити, наместо да го чуваме најважниот аспект од традиционалната архитектура — размерот на градот соодветен на човекот?“, завршува објавата на МАРХ.