Еден од возачите на автобус кој превезувал навивачи на кошаркарскиот клуб „Пистоја“ почина синоќа во напад на автопатот Риети-Терни, во близина на Рим, кога група навивачи на ривалскиот клуб „Себастиани“ од Риети фрлале предмети кон автобусот.
Според италијанската агенција АНСА, загинатиот маж седел на совозачкото место кога тула го погодила во главата, нанесувајќи му смртоносни повреди.
Инцидентот се случил по натпревар од втората италијанска лига. Полицијата веднаш излегла на терен, но и покрај интервенцијата на итните служби, животот на возачот не можел да се спаси.
Реакции и осуди
Министерот за спорт Андреа Абоди ја изрази својата длабока жал и осуда на нападот.
„Како некој може да загине на пат кон дома од кошаркарски натпревар? Ова не се навивачи – тоа се насилници кои станале убијци. Спортот е живот, а овие криминалци се светлосни години далеку од спортските вредности“, напиша тој на „X“.
Градоначалникот на Риети, Даниеле Синибалди, изјави дека „целата заедница е згрозена од овој кукавички чин“ и изрази надеж дека сторителите наскоро ќе бидат идентификувани и изведени пред правдата.
Клубовите со израз на сочувство
Од кошаркарскиот клуб „Пистоја“ соопштија дека се во шок од трагичната вест и изразија сочувство до семејството на загинатиот возач, нагласувајќи дека очекуваат резултати од официјалната истрага.
И клубот „Себастиани“ се огради од инцидентот, осудувајќи го како „неопишлив чин кој нема никаква врска со спортот“.
„Ова е многу сериозен настан. Имаме целосна доверба во истражителите и се надеваме дека вистината ќе биде откриена што побрзо“, се наведува во нивното соопштение.
Полицијата продолжува со интензивна истрага за да ги идентификува напаѓачите, кои избегале од местото на настанот веднаш по нападот.