Од денеска до 24 октомври во Кинотеката на Северна Македонија ќе се одржува 16. издание на ЕХО – Фестивалот на планински филм, кој вечерва ќе биде отворен со полскиот филм „Последната експедиција“ (The Last Expedition) на режисерката Елиза Кубарска – инспиративна приказна за жени алпинистки кои тргнуваат по трагите на изгубените хероини од Хималаите.
Во рамки на отворањето ќе се обрати и полската писателка Ана Камињска, авторка на книгата „Ванда – приказна за силата на животот и на смртта“, посветена на легендарната алпинистка Ванда Руткевич, која ЕХО ќе ја издаде во рамките на фестивалот.
Првата вечер ќе донесе и проекции на филмовите „Девојка качувач“ (The Girl Climber) и „After Antarctica“.
Филмови, екологија и женска перспектива во алпинизмот
Годинава фестивалот ја става во фокус поврзаноста меѓу човекот и природата, преку внимателно селектирана програма на документарни и авторски филмови од целиот свет. Посебен дел е посветен на еколошките филмови, избрани во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД), кои ги истражуваат последиците од климатските промени и човековото влијание врз природата.
Меѓу најавените гости се и словенечките алпинистки и документаристки Ања Петек, Патриција Вердев и Урша Кешар, добитнички на престижната награда „Златен цепин“ (Piolet d’Or), кои ќе ја претстават својата експедиција на Лалун во Индија и ќе зборуваат за женската перспектива во алпинизмот.
Планината во срцето на градот
Иако тематски посветен на планините, ЕХО е урбан по концепт – сите проекции и настани се одржуваат во Кинотеката на РСМ, во двете киносали.
Фестивалот нуди разговори со планинари, документаристи и уметници, како и детски работилници за креативност, екологија и љубов кон природата, кои ќе се одржат во Europe House Skopje.
„Главниот предизвик на ЕХО е да ја пренесе автентичната енергија и слобода на планината во срцето на градот – преку филмови, изложби, разговори и живи средби со луѓе кои ја живеат планината“, велат организаторите.
Влезот за сите проекции и настани е бесплатен.
Фестивалот ЕХО е член на IAMF – International Alliance for Mountain Film, меѓународна мрежа што ги обединува најреномираните фестивали на планински филм во светот.