Русија тврди: тестиран „Буревестник“, нуклеарна ракета со бесконечен дострел

Москва на 26 октомври објави дека Русија тестирала нова нуклеарно-погонска крстосувачка ракета со речиси неограничен дострел, оружје за кое Кремљ тврди дека не може да биде пресретнато од ниту еден постоечки или идeн систем за противракетна одбрана. Се работи за ракетата „Буревестник“, позната во НАТО под шифра SSC-X-9 „Skyfall“, за која началникот на Генералштабот Валериј Герасимов изјавил дека навистина летала со нуклеарен погон при последната проба. Рускиот претседател Владимир Путин, облечен во камуфлажа и опкружен со генералите задолжени за војната во Украина, тврди дека тестот на 21 октомври траел 15 часа, за време на кој ракетата прелетала околу 14.000 километри, и го нарече оружјето „уникатно во светот“. Путин додаде дека руските стручњаци некогаш сметале дека ваков проект е технички недостижен, но дека сега целосно функционира.

„Буревестник“ е дизајнирана да кружи со нуклеарен погон, на мала височина, надвор од предвидливи балистички траектории, да влезе длабоко во непријателски воздушен простор и да удри таму каде што одбраната е најслаба. Русија вели дека ваквата крстосувачка ракета може да остане во воздух со часови, па дури и со денови, да заобиколува радар и потоа да се појави од неочекуван правец. Официјална Москва ја продава како оружје кое практично ја брише идејата за безбедно растојание меѓу двете нуклеарни сили. Западни аналитичари, пак, предупредуваат дека целата замисла доаѓа со цена: ваков нуклеарен погон носи ризик од радиоактивно загадување ако ракетата се распадне во воздух, а претходни тестирања беа следени со сомнежи за зголемена радијација и дури смртни случаи на руски научници. Ова оружје одамна доби надимак „летачки Чернобил“.

Руското раководство не го претставува тестот само како техничко достигнување, туку и како политичка порака. Путин неодамна надгледуваше пошироки вежби на стратешките нуклеарни сили и јавно порача дека руската нуклеарна компонента е „современа и подготвена“. Во истиот настап тој ја повтори тезата дека Русија располага со доволно капацитет за да ја гарантира сопствената безбедност, потсетувајќи дека Москва и Вашингтон и натаму ги држат најголемите нуклеарни арсенали во светот – повеќе од пет илјади боеви глави од двете страни. Портокот на пораката е јасен: Русија сака да покаже дека може да ја обнови, па и надгради стратегиската рамнотежа со САД, токму во момент кога во Украина војната влезе во затегната, долготрајна фаза.

„Буревестник“ не е ново име во руската воена реторика. Путин првпат јавно ја претстави оваа ракета во 2018 година како дел од пакет од „супероружја“ наменети да ја вратат Русија во позиција на технолошка недопирливост. Но програмата беше обележана со неуспеси и трагедии. Во 2019 година, експлозија поврзана со развојот на овој систем уби неколку руски инженери и офицери и предизвика краткотрајно зголемување на радијацијата, што тогаш беше прочитано како предупредување дека ваквиот концепт носи последици не само за противникот, туку и за екипажот што го развива. Денес, Москва тврди дека критичните тестови се завршени, дека треба да се дефинира како официјално ќе се класифицира ова оружје и дека почнува подготовка на инфраструктура за негово разместување.

Зачлени се на нашиот е-билтен