Скопје – Мадрид calling: Првпат директен лет меѓу двата главни града

Од денеска Скопје и Мадрид се поврзани со директна авиолинија, што претставува историски момент за македонскиот авиосообраќај. Линијата ја воспостави нискобуџетната авиокомпанија „Визер“, која доби субвенции од Владата преку програмата на Министерството за транспорт и врски за стимулирање нови авиорелации.

Летовите од Скопје до Мадрид ќе се одвиваат три пати неделно – во вторник, четврток и сабота, што ќе овозможи полесно патување за туристи, бизнис-соработки и културни врски меѓу Македонија и Шпанија.

На свеченото пуштање на линијата на Меѓународниот аеродром Скопје, шпанскиот амбасадор Рафаел Соријано Ортиз истакна дека оваа директна врска ќе придонесе за продлабочување на дипломатските и економските односи меѓу двете земји.

Директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт, посочи дека новата линија е дел од пошироката стратегија за зголемување на поврзаноста на земјата со Европа:

„Со зимскиот ред на летови, Меѓународниот аеродром Скопје е поврзан со 49 редовни дестинации и 13 чартер летови низ годината.“

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, оцени дека воведувањето на новите линии е „огромен успех за авиосообраќајот“, бидејќи донесува раст на бројот на патници и туристи.

Во рамките на новиот повик за субвенционирани линии, Владата обезбедува 9 евра субвенција по патник на Скопскиот аеродром и 12 евра на Охридскиот аеродром.

Освен Мадрид, во последните недели беа воведени и летови до Бари, Стокхолм и Базел, а се враќаат и линиите до Ларнака, Келн и Женева. На 15 декември ќе стартува и новата линија до Прага, а од 30 март 2026 се најавени уште три нови дестинации:

  • Скопје – Будимпешта
  • Скопје – Неапол
  • Охрид – Милано

Со овие дополнувања, Македонија станува сè поатрактивна воздушна дестинација на Балканот, со најголем број директни врски досега.

Зачлени се на нашиот е-билтен