МНР на Македонија не ги именуваше Македонците во Бугарија во изјавата за човековите права во оваа земја на сослушувањето во ОН во Женева

Претставничката на Република Северна Македонија во Советот за човекови права на Обединетите нации во Женева, амбадсадорката Наташа Хронеска, на прегледот за сосотојбите со човековите права во Бугарија ги реафирмираше препораките упатени до оваа земја во претходниот циклус, но кои досега не се имплементирани.

„Ова првенствено се однесува на обезбедувањето на правото на слободно здружување и организирање, согласно Член 11 од Европската конвенција за човековите права и да се почитува без дискриминација, согласно препораките на Европскиот суд за човекови права“, се истакнува во оценката на Северна Македонија што ја прочита амбасадорката Хронеска.

Амбасадорката Наташа Хронеска на сослушувањето за човековите права во Бугарија во Советот за човекови права на ОН во Женева, на 6 ноември 2025

Во изјавата се истакнува дека Бугарија треба да го обезбеди ова човеково право без пречка и со почит кон културниот идентите на секој граѓанин на оваа земја.

Останува прашање зошто во пишаната изјава на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија воопшто не беше употребен терминот „Македонци“ за граѓаните со оваа национална определба во Бугарија кога веќе беше упатена препораката Софија да ги почитува правата за (политичко) здружување на граѓаните во оваа земја.

Видеото од сослушувањето за сосотојбите со човековите права во Бугарија во Советот за човекови права на ОН во Женева е на следниот линк. Изјавата на амабасадорката е на 55:35 минута од видеото.

https://webtv.un.org/en/asset/k1y/k1ytenkcum

Бугарската делегација на сослушувањето за човековите права во оваа земја, на 50-та сесија на Универзалниот периодичен преглед на Советот за човекови права на ОН, ја предводеше бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев.

„Бугарија останува посветена на соработката со сите меѓународни организации и механизми во областа на човековите права“, изјави министерот за надворешни работи Георг Георгиев за време на презентацијата на спроведувањето на обврските на Бугарија во рамките на Универзалниот периодичен преглед на човековите права на ОН. „По втор пат во последните пет години, Бугарија е членка на Советот за човекови права на ОН. Ние стоиме зад нашите обврски и постојано работиме на нивно спроведување“, нагласи бугарскиот министер за надворешни работи за време на својот говор.

Зачлени се на нашиот е-билтен