Генералниот директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, и извршната директорка за вести, Дебора Тарнес, поднесоа оставки поради контроверзии поврзани со уредувањето на документарен филм за говорот на Доналд Трамп пред нападот врз Капитол Хил во јануари 2021 година.
Скандалот изби откако британскиот весник Дејли Телеграф објави делови од интерно досие на Би-Би-Си, во кое се наведува дека делови од говорот на Трамп биле уредени на начин што го менува значењето. Според документот, програмата „Панорама“ споила различни делови од говорот така што изгледало како Трамп директно да ги охрабрува немирите. Притоа, бил отстранет делот во кој тој повикува на мирен протест.
Досието ги опиша овие уредувања како „сериозни и системски проблеми со непристрасноста“ и ги означи како „целосно погрешни“. Скандалот предизвика лавина од реакции, вклучително и критики од британски политичари и јавноста, но и официјална реакција од Белата куќа, која го нарече Би-Би-Си „лажни вести“.
Во изјава до медиумите, генералниот директор Тим Дејви призна дека јавниот сервис мора да биде „отворен, транспарентен и одговорен“. Тој додаде дека дебатата околу непристрасноста на Би-Би-Си придонела за неговата одлука и дека „мора да ја преземе крајната одговорност“.
Дејви нагласи дека оставката е негова лична одлука и дека ќе остане на функцијата уште неколку месеци, додека не се обезбеди уреден премин кон ново раководство.
Извршната директорка за вести, Дебора Тарнес, во писмо до вработените изјави дека контроверзијата околу документарецот „достигнала точка во која ѝ нанесува штета на институцијата што ја сака“. Таа сепак одби обвинувањата дека Би-Би-Си е институционално пристрасен:
„Иако беа направени грешки, тврдењата дека Би-Би-Си Вести има системска пристрасност се погрешни,“ напиша Тарнес.
Според Ројтерс, одлуките на Дејви и Тарнес го изненадиле Управниот одбор на Би-Би-Си, кој не очекувал двојна оставка.
Американски претседател Доналд Трамп ја поздрави веста за оставките, нарекувајќи ја „разоткривање на корумпирани новинари“. Тој повторно го обвини Би-Би-Си дека се обидел да влијае врз претседателските избори во САД.
Последици за јавниот сервис
Би-Би-Си, кој се финансира преку задолжителна годишна лиценца што ја плаќаат сите британски домаќинства, е обврзан со кралската повелба да одржува највисоки стандарди на непристрасност. Поради тоа, секој ваков случај предизвикува силни реакции и политички притисоци.
Оставките на Дејви и Тарнес доаѓаат по низа други контроверзии што во последниве години го потресоа јавниот сервис — од обвинувања за политичка пристрасност во известувањето за конфликтот меѓу Израел и Хамас, до скандали поврзани со злоупотреби и сексуално однесување на познати водители.
Според медиумските аналитичари, последниот случај претставува еден од најсериозните удари врз кредибилитетот на Би-Би-Си во последната деценија и отвора прашања за границите меѓу новинарството, политиката и јавната доверба.

