Минималната плата останува непроменета до март

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, денеска јасно стави до знаење дека нема да има вонредно покачување на минималната плата, и покрај засилените барања од синдикатите. Тој истакна дека следното усогласување ќе се реализира во март идната година, согласно законските одредби.

Минималната плата годинава се зголеми за околу 2.000 денари, потсети Дурмиши, додавајќи дека процедурите и критериумите утврдени со Законот за минимална плата остануваат непроменети. Усогласувањето се врши еднаш годишно и зависи од растот на трошоците за живот, просечната плата и продуктивноста во економијата.

Според министерот, евентуално вонредно покачување би создало дополнителен притисок врз малите и средните претпријатија кои, како што посочи, нема да можат да го издржат товарот. Дополнително, тој предупреди дека таквата интервенција би можела да поттикне нов инфлаторен бран.

Иако инфлацијата во октомври достигна 4,5 проценти на годишно ниво, Дурмиши изрази оптимизам дека до крајот на годината ќе се стабилизира. Во моментов, според него, нема потреба од регулаторни мерки на малопродажните цени.

„Не гледам причина за замрзнување или ограничување на трговските маржи, како што го направивме минатата година. Секојдневно ги следиме цените и пазарните движења, и доколку има неопходност, ќе интервенираме“, изјави министерот.

До крајот на месецот ќе биде свикан и Економско-социјалниот совет, на кој ќе се разгледаат и владините пресметки за просечните потрошувачки кошнички.

Наместо итни мерки или вонредно зголемување на минималецот, Министерството за економија најавува раст на платите и отворање нови работни места преку новата политика за поддршка на инвестициите.

Со измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои делумно беа усвоени во август, а целосно ќе се финализираат до крајот на годината, се воспоставува поиздржана и транспарентна рамка за привлекување капитал и зголемување на продуктивноста.

„Целта ни е да стимулираме инвестиции со висока додадена вредност – инвестиции кои ќе ја развиваат производствената индустрија, ќе воведуваат нови технологии и ќе создаваат одржливи работни места“, соопштија од Министерството за економија и труд.

Според законот, финансиска поддршка можат да добијат компании од преработувачката индустрија кои реализираат почетна инвестиција од најмалку 100.000 евра.

Извор: Независен

Зачлени се на нашиот е-билтен