Сонот за Тоше оживеа во импресивен витраж на Гумење во Крушево

На спомен-обележјето на Тоше Проески на Гумење во Крушево денес е поставен нов витраж посветен на незаборавниот македонски музичар. Делото, инспирирано од неговата песна „Полско цвеќе“, е дар од српскиот витражист Драго Гањиќ, кој повеќе од една деценија го носи проектот како лична мисија.

Идејата за витражот постои уште од 2011 година, кога Гањиќ и неговата пријателка Соња Јоковиќ од Сомбор ги поврзала една необична коинциденција: и двајцата го сонувале Тоше на 16 октомври, денот на неговото загинување. Во нејзиниот сон тој бил во бело, облеан во светлина; кај Гањиќ Тоше ја пеел „Полско цвеќе“. Тие соништата станале искра за создавање уметнички спомен.

Првиот дел од витражот – ликот на Тоше – бил донесен во 2012 година, а целата композиција, во која доминираат мотивите од „Полско цвеќе“, е резултат на долгогодишна, трпелива работа. Вториот дел, завршен неодамна, исто така носи својствена приказна.

Гањиќ открива дека последното стаклено парче, токму делот од текстот што Тоше го пее во песната, трипати пукнало во печката. „Бевме скептични. Потоа дознав дека Тоше како дете сакал да го слуша звукот на кршење стакло. Случајност или не, но кога по четврти пат го ставив стаклото во печка, беше полноќ. Реков: ‘Тоше, те молам, нека остане цело.’ И навистина, утредента го извадив – совршено, без ниедна пукнатина“, вели уметникот.

Проектот добил силна поддршка од луѓето во Крушево, меѓу кои и Благојче, долгогодишен пријател на работниот тим, како и од сестрата на Тоше, Дора. Помош пристигнала и од прилепската компанија Интерглас, која донирала материјали потребни за изработката.

Гањиќ истакнува дека Македонија му е особено блиска – тука ја служел војската и често се враќа. Уверен е дека ова не е крај на уметничките проекти посветени на Тоше.

„Планираме нови витражи. Во тек е подготовката на делото ‘Богородица’, идеја што ја посакуваше таткото на Тоше, чичко Никола. Ќе одлучиме дали ќе биде поставено на спомен-обележјето или во манастирот ‘Св. Преображение‘. Сакам и да изработиме декорација што ќе свети преку ноќ. Имаме многу идеи“, вели Гањиќ.

Така, еден сон за Тоше прерасна во уметничко дело што ќе го збогати спомен-просторот на Гумење и ќе ја продолжи светлината на неговото дело меѓу генерациите.

Извор: Новатв.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен