Албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу, по потпишувањето на договорот за соработка во областа на одбраната, со неговиот италијански колега Гвидо Кросето, денеска во Рим, за албанските медиуми изјави дека Албанија и Италија ќе соработуваат во производството на 7 воени бродови во поранешната воена база, Пашалиман, кај приморскиот град Валона.
„Од 16-те договори што владите на двете земји ги потпишаа денеска, осум се во одбраната, воената индустрија и цивилната заштита. Имаме прв договор по три децении, првпат го обновуваме военото партнерство со Италија од многу причини. Во рамките на НАТО, за воената индустрија сакаме да бидеме во фокусот на двете страни од јадранскиот брег“, изјавил тој, објави државната новинска агенција, АТА.

Венгу нагласи дека „значајно достигнување е потпишувањето гигантски договор меѓу албанската државна компанија KAYO и италијанската Fincantieri, за производство на воени бродови“.
„Нашата државна компанија „KAYO“, која е одговорна за производство, демилитаризација и трговија со оружје, муниција, воена опрема и технологии според договор со италијанската компанија „Fincantieri“, ќе произведува 7 воени бродови. Друг договор е потпишан помеѓу „KAYO“ и италијанска компанија „Леонардо“, специјализирана за воена технологија и сајбер одбрана“, посочил тој.
Според него Италија ќе ѝ помогне на албанската страна и во подобрувањето на капацитетите на Цивилната заштита.

