Промовиран новиот роман на Јордан Коцевски, „Договорот“

Пред охридската публика беше промовиран новиот роман на Јордан Коцевски, „Договорот“, во издание на издавачката куќа „Антолог“, а финансиски поддржан од општина Охрид. Книгата е вознемирувачка приказна за љубовта, предавството и стигмата околу самоубиството, што го соочува читателот пред најтешките прашања за душата и моралот.

Промотор на книгата беше Мерсиха Исмајлоска која за „Договорот“ рече: „…Читајќи, особено првиот дел, како да читав еден друг Михаил Булгаков, кој слично на него се зафаќа со темата на душата и прашањата колку е таа само наша и колку со неа може да се тргува. Само што во случајот на Јордан Коцевски, отсуствува Ѓаволот, и на сцена стапува Александар. Коректор на научените концепти за рајот, пеколот и чистилиштето, креатор на метафизички простор во кој мир наоѓаат и душите на самоубијците. Со јазикот на теоријата на книжевноста, Јордан креира и меѓу книжевен простор, кој постои на над-ниво во релација со она основното во кое се случува дејствието, како две полиња кои постојат едно во друго. Мета простор кој и книжевно постои во рамките на еден друг…“

Промоцијата беше посетена од голем број читатели и љубители на современата македонска литература, кои имаа можност да слушнат повеќе за романот и да поразговараат со авторот за неговите инспирации и процесот на пишување. Романот веќе предизвикува интерес поради својата силна тема и е достапен ширум книжарниците низ земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен