ЕУ воведува нови правила: дневните светла на автомобилите се менуваат

Тивко, речиси незабележливо, Европската унија воведе промена која ќе ја засегне секоја нова генерација автомобили произведени по 22 септември 2024 година. Иако најчесто се мисли дека дневните светла се ограничени само на предните LED ленти или светла за магла кај поевтините модели, новите прописи внесуваат сосема поинаков пристап: и предните и задните светла ќе мора да бидат вклучени и дење.

Долго време постоеше забуна и различни практики околу дневните светла. Новите автомобили автоматски вклучуваа LED дневни светла напред, но задните светла остануваа исклучени. Постарите возила пак возеа со кратки светла, кои ги правеа многу повидливи бидејќи и предните и задните светла светеа истовремено. Токму тука настанува клучната разлика што ја мотивираше регулативата.

Според новите правила, задните светла мора да бидат вклучени секогаш кога надворешното осветлување ќе падне под 7.000 лукси. Ако светлината достигне само 1.000 лукси, системот автоматски ги активира кратките светла. Со тоа, новите автомобили ќе бидат подобро забележливи во услови на облачност, магла, послаб светлосен интензитет или во тунели — ситуации кога дневните светла напред не се доволни.

Интересно е што оваа важна новина не беше најавена со голема помпа. Како што пишува Revija HAK, а пренесува Index.hr, правилото стапи во сила тивко, без посебно соопштение од Европската унија. Сепак, неговите последици ќе бидат видливи буквално во сообраќајот.

Овие промени важат само за автомобили произведени по 22 септември 2024 година. Возилата хомологирани пред овој датум и понатаму ќе сообраќаат со исклучени задни светла преку ден, како што беше досега. Но европските земји веќе размислуваат за чекор понатаму: според Vi Bilägare, постојат предлози по 2027 година да се забрани продажба на возила што нема да имаат автоматски активирани задни светла.

Новото правило можеби влезе незабележано, но несомнено ќе има видлив ефект: поголема безбедност и помала веројатност автомобилот да „исчезне“ во магла или на темен, облачен ден.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен