Пораката „таа е кретенка“ го блокираше формирањето холандска Влада

холандска
Ханс Вајерс

Еден од двајцата новоименувани известувачи во консултациите за формирање Влада на Холандија, Ханс Вајерс денеска поднесе оставка на должноста, откако холандскиот весник НРЦ објави негови приватни пораки во кои, меѓу другото, лидерката на Народната партија за слобода и демократија (ВВД), Дилан Јешилѓоз-Зехериус ја нарекува „кретенка“.  

– Денеска, НРЦ ме соочи со изјави што ги дадов во приватни пораки долго пред изборите, изјави Вијерс за холандските медиуми. 

Тој посочи дека тие изјави биле „спонтани“ и дека никогаш не би ги дал при „трезвено размислување“. 

– Сега кога тие изјави станаа јавни, тоа би можело да ја наруши мојата позиција како непристрасен известувач. Овој процес е премногу важен за да се дозволи изјавите да го одвлечат вниманието од суштината, рече Вајерс. 

Станува збор за приватна порака што Вајерс преку платформа за комуникација му ја упатил на раководителот на медиумската групација „Сајтхоф Медија“, Вилем Сајтхоф во која за Јешилѓоз вели „таа кретенката од ВВД“.   

Вајерс додаде дека лидерот на партијата Демократи 66, Роб Јетен, која и го предложи за известувач, ја прифатил неговата оставка и му се заблагодарил за „посветеноста и достапноста“. 

Според Вајерс, Јетен го прифатил неговиот предлог консултациите за формирање Влада да продолжат само со другиот известувач Сибранд Бума.  

– За да избегнеме губење време во овој процес, предложив да продолжиме со Сибранд Бума како известувач, додаде Вајерс. 

Содржината на комуникацијата на Вајерс и Сајтхоф се однесувала на одбивањето на партијата на Јешилѓоз да коалицира со блокот на социјалдемократската Лабуристичка партија (ПВДА) и еколошката Зелена левица (ГЛ), кој на изборите минатиот месец го предводеше поранешниот еврокомесар Франс Тимерманс. 

– Треба да му ја отвориме вратата на Тимерманс. Треба да го повлечеме кон центарот, а исто така и таа кратенката од ВВД, вели Вијерс во пораката до Сајтхоф, кој е еден од донаторите на Д66. 

Станува збор за разговор во врска со кампањата „Гласај за стабилност“, што во текот на летото ја иницираа Сајтхоф и тројца негови соработници, со цел по октомвриските избори да се формира „стабилна Влада на десниот центар“, што би ја сочинувале Д66, ВВД и партијата Христијанско демократски повик (ЦДА).  

Целта на разговорот била Вајерс, кој е истакнат член на Д66 и поранешен холандски министер за економски прашања и извршен директор на банкарската групација ИНГ, да се придобие за кампањата на Сајтхоф. 

НРЦ во својот текст наведува дека Вајерс и во текот на изборната ноќ пред група приврзаници на Д66 во Амстердам изјавил дека Јешилѓоз е „лажливка“ и дека му е жал што „гласачите не ја казниле ВВД“ на изборите, поради ставот дека нема да прифати формирање на владина коалиција на центарот, туку преферира соработка со десничарската партија Вистински одговор 21 (ЈА21).  

Во однос на овие коментари, Вајерс денеска изјави дека дал „несоодветни“ забелешки во текот на изборната ноќ. 

– Апсолутно не се изразив добро. Не требаше да користам такви зборови, рече Вајерс, додавајќи дека Јешилѓоз е „храбра жена“, која „прекрасно се борела“ на изборите.  

Запрашана за коментар за изјавите на нејзина сметка, Јешилѓоз за НРЦ само рекла дека „е љубопитна да дознае“ дали Вајерс и Бума планираат да дојдат до добар резултат во обидите за формирање влада со отвореност за прифаќање на туѓото мислење. 

Од друга страна, Сајтхоф одбил да ги коментира за изјавите на Вајерс. – Не мислам дека неговите мислења се релевантни, изјавил само кусо Сајтхоф. 

Вајерс и Бума, кој е актуелен градоначалник на Лејварден и поранешен лидер на ЦДА, беа именувани за известувачи, откако претходниот известувач Ваутер Кулмис не успеа да издејствува договор за формирање парламентарно мнозинство до крајниот рок – 13 ноември „Враќајќи го мандатот“, Кулмис предложи Д66 и ЦДА, за кои, според него, постои „широка поддршка“ да бидат вклучени во идната Влада, да изготват подготвителен документ за коалициски договор.  

По ова Д66 за „коизвестувач“ го предложи Вајерс, а ЦДА – Бума, со цел да асистираат во следната фаза од процесот на формирање на владината коалиција.  

Според идејата на Кулмис, Откако Д66 и ЦДА ќе го изработат начелниот коалициски договор, Вајерс и Бума ќе требаше да утврдат кои други партии се подготвени да соработуваат со нив врз основа на тој документ.  

Доколку, во меѓувреме Д66 не предложи нов известувач, Бума ќе треба сам да ги координира напорите за формирање владина коалиција, за што има рок до 9 декември. 

Евентуалната коалиција на Д66, ВВД, ЦДА и блокот ПВДА/ГЛ би имала 86 места во Парламентот или 10 повеќе од потребните 76 за мнозинство. Од, друга страна, коалицијата на која инсистира Јешилѓоз составена од Д66, ВВД, ЦДА и ЈА21, би имала 75 пратеници или едно помалку од потребниот број за парламентарно мнозинство, што би значело постоење на нестабилна малцинска Влада или приклучување на барем уште една партија во таквиот сојуз. 

Зачлени се на нашиот е-билтен