Иницијативата „Побунет универзитет“ и Форумот на Универзитетот за уметности во Белград упатија писмо до делегациите на Европската унија и Франција во Србија, предупредувајќи дека животот на Дијана Хрка – која штрајкува со глад од 2 ноември – е директно загрозен и зависи од претседателот Александар Вучиќ, за кого тие тврдат дека повеќепати демонстрирал недостаток на емпатија.
Писмото, адресирано до шефот на Делегацијата на ЕУ, Андреас фон Бекерат, и француската амбасадорка Флоранс Ферари, го потпишува професорката Катарина Јовановиќ од Факултетот за музичка уметност. Таа наведува дека Хрка „умира само неколку метри од Собранието“, додека го бара единственото што ѝ останало – вистината за смртта на нејзиниот син Стефан и уште 15 лица, кои загинаа кога се урна реконструираната настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
„Институциите се заробени“
Во писмото се нагласува дека во Србија институциите одамна не функционираат независно, а денес се „таоци на еден човек и неговите политички сојузници“. Падот на настрешницата и, како што се наведува, „опструкцијата на секоја сериозна истрага“, за авторите на писмото претставува пример за тоа колку длабоко е поткопан системот.
Јовановиќ – и оперска пејачка и добитничка на францускиот Орден на Легијата на честа – предупредува дека меѓународната заедница може да помогне да се избегне нова трагедија. Таа потсетува дека Хрка штрајкува 13 дена, дека условите во импровизираниот шатор се драматични, со ноќни температури кои паѓаат до пет степени, и дека нејзиното време „истекува“.
Барање: вонредни избори
Иницијативата ги повикува ЕУ и Франција да помогнат во обновување на уставниот поредок и да извршат притисок врз Вучиќ да распише вонредни парламентарни избори – барање кое го поставува и сама Дијана Хрка, но и студентите и дел од граѓанските движења уште од мај 2025 година.
Во писмото се предупредува дека политичката криза не е само внатрешно прашање на Србија, туку и ризик за стабилноста на регионот и Европа.
Извор: N1info.rs

