Азербејџан упати остар протест до Русија по падот на делови од ракета врз амбасадата во Киев

Азербејџанското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека му предало протестна нота на рускиот амбасадор во земјата, Михаил Евдокимов, поради тоа што делови од руска ракета „Искандер“ завршиле врз комплексот на азербејџанската амбасада во Киев за време на ноќните напади врз украинската престолнина.

Според официјалното соопштение, Баку упатил вербална нота во која изразил „силен протест“, појаснувајќи дека експлозијата оштетила дел од надворешниот ѕид на амбасадата, како и неколку објекти и службени возила. Иако нема жртви, властите предупредуваат дека инцидентот е сериозен и загрижувачки, пренесува Euronews.

Министерството потсетува дека Азербејџан уште во април 2022 година ѝ ги доставил на Москва координатите на сите свои дипломатски објекти во Украина, веднаш по почетокот на руската инвазија.

Низа претходни опасни инциденти

На рускиот амбасадор му биле посочени и повеќе претходни случаи во кои биле погодени или загрозени азербејџански дипломатски претставништва. Меѓу нив е тешкото оштетување на почесниот конзулат во Харков во март 2022 година, нападот со „кинџал“ во јануари 2024 година кога неексплодирана муниција се најде на само неколку метри од амбасадата, како и експлозијата во август годинава, во непосредна близина – на околу 50 метри од амбасадниот комплекс во Киев.

Азербејџанското МНР посочува дека повторувањето на вакви инциденти „го доведува во прашање ненамерниот карактер“ на ракетните напади и побара од Русија целосна истрага и детално објаснување за најновиот случај.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен