По критиките од Брисел: Филков најавува длабоки реформи во правосудството и целосно нов Кривичен законик

Игор Филков, фото: Министерство за правда
Игор Филков, фото: Министерство за правда

Министерот за правда Игор Филков поочигледно ги прифаќа забелешките од Европската комисија за состојбите во правосудството и најавува системски зафати кои треба долгорочно да го стабилизираат секторот. Во изјава за МИА, Филков потврди дека критиките се реални и дека дел од нив се однесуваат на структурни слабости што не можат да се надминат со брзи административни мерки.

Тој најави дека наскоро ќе биде објавен извештајот на Комисијата за надзор на АКМИС, со детална анализа на проблемите во судството. Финансирањето, според министерот, мора да биде независно, но и рационално.

„Независноста не значи неограничено трошење – секој денар мора да даде резултат“, вели Филков.

Комисијата: Нема напредок во независноста и непристрасноста

Во Извештајот за напредокот за 2025 година Европската комисија предупредува за политички влијанија и недоволна независност на судството. Филков, сепак, смета дека не се признати сите досегашни чекори.

„Подготвивме над 15 клучни закони во последните 18 месеци – од судската служба и јавните обвинители, до процена, вештачење и пристап до информации“, изјави тој, додавајќи дека стратегијата за реформи во правосудството е реализирана над 80 проценти.

Нов Кривичен законик – приоритет на реформите

Една од забелешките од Брисел е потребата од нов Кривичен законик. Филков потврдува дека се прави усогласување со четири европски директиви – за еколошки криминал, семејно насилство, конфискација и борба против корупцијата.

Новитет ќе биде и воведување кривично дело за злоупотреба на интимни снимки, вклучувајќи „deep fake“ материјали. Законикот, најавува министерот, ќе нуди јасни санкции и кодифицирана рамка што треба да спречи селективна правда.

Закони за судска независност

Во владина процедура веќе се доставени новиот Закон за Судски совет и измените во Законот за Јавно обвинителство, кои имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија.

„Овие закони се темел на новата архитектура на правосудството – суштинска, а не декларативна независност“, нагласува Филков.

Недостиг на кадар – хроничен предизвик

ЕУ нотира сериозен дефицит на судии, службеници и технички персонал. Филков признава дека состојбата е тешка:

  • има судови со половина или една третина од предвидениот број судии,
  • недостасуваат записничари и информатичари,
  • дел од институциите немаат ниту обезбедување.

Пример е Вишиот управен суд, каде од 13 судии работат само шест, а од 64 вработени во службата активни се само 15.

Министерството подготвува пакет закони за судската и обвинителската служба, буџетот на судовите и Академијата за судии и обвинители.

„Пулс“: Процесот не смее да стане спектакл

За претстојниот судски процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Филков апелира на воздржаност.

„Не смееме да дозволиме процесот да се претвори во уличен спектакл. Граѓаните очекуваат еднаква примена на законот, без политички влијанија“, рече тој.

Министерот додава дека државата е должна да обезбеди фер постапка и целосна правна објективност.

Извор: Плусинфо

Зачлени се на нашиот е-билтен