Германските компании под притисок: секоја десетта стравува за опстанок

Германската економија влегува во нова, непријатна фаза: секоја десетта компанија во земјата верува дека е во критична состојба, а малопродажбата е најголемото жариште на проблемите. Според анкетата на Институтот Ифо од Минхен, во октомври годинава дури 8,1 процент од германските фирми изразиле страв за својот економски опстанок – повеќе отколку лани, кога таков став имале 7,3 проценти од анкетираните компании.

„Бројот на корпоративни банкроти веројатно ќе остане висок и во наредните месеци“, предупредува раководителот на истражувањето на Ифо, Клаус Волрабе. Тоа не е само статистичка забелешка, туку сигнал дека германската економија – моторот на Европската унија – сè уште не излегла од маѓепсаниот круг на високи трошоци, слаба побарувачка и неизвесни глобални пазари.

Компаниите од сите сектори го наведуваат истиот корен на проблемот: недостиг од нарачки. Намалениот извоз, воздржаните потрошувачи и пролонгираните инвестиции создаваат празнини во книгите на нарачки, додека од другата страна силно притискаат зголемените оперативни трошоци – енергија, суровини, логистика – и повисоките трошоци за работна сила. Многу фирми предупредуваат и на „скриен данок“ во форма на сложена бирократија, која го одзема времето и парите што би можеле да одат во развој и иновации.

Најкритична е сликата во малопродажбата. Таму 15 проценти од компаниите пријавуваат сериозни економски проблеми, повеќе отколку лани кога тој удел бил 13,8 проценти. Падот на куповната моќ, префрлањето на потрошувачите кон поевтини брендови и онлајн купување, како и повисоките киријни и трошоци за персонал, го стегаат малопродажниот сектор од сите страни. За многу продавници, особено помалите, прашањето веќе не е „како да растеме“, туку „дали ќе ја преживееме зимата“.

Во услужниот сектор, исто така, расте нервозата. Околу 7,6 проценти од компаниите веруваат дека нивниот опстанок е загрозен, што е значителен скок во однос на 5,8 проценти пред една година. Туризмот, гастрономијата, дел од креативните индустрии и малите агенциски бизниси се најподложни на комбинацијата од нестабилна побарувачка и високи фиксовни трошоци.

Индустријата, пак, бележи мало олеснување – уделот на фирмите што ја оценуваат својата состојба како критична се намалил за половина процентен поен, на 8,1 процент. Тоа не значи дека фабриките се надвор од опасност, но покажува дека дел од нив успеале да се приспособат – преку оптимизација, нови пазари или технолошки инвестиции.

Градежништвото е уште еден сектор каде се гледа промена на тоновите. Песимизмот тамо значително се намалил: уделот на компаниите кои стравуваат за опстанок паднал од 7,9 на 6,3 проценти, благодарение на зголемена активност и нови проекти. Но останува фактот дека повисоките камати, строги кредитни услови и поскапени материјали и натаму го прават секој нов градежен потфат покомплициран и поризичен.

Собрано, податоците на Ифо покажуваат економија која формално сè уште стои на нозе, но во која расте бројот на фирми на работ на издржливост. За Германија тоа е предупредување дека политиките за конкуретност, намалување на бирократијата и поддршка за малите и средните претпријатија стануваат повеќе од долгогодишни пароли – стануваат услов без кој „германското чудо“ може да се претвори во германска болка.

Зачлени се на нашиот е-билтен