Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречија на македонскиот пазар да стигнат 20.500 килограми замрзнат компир – помфрит, со поминат рок на употреба до 23.05.2025 година. Испораката, увоз од Холандија, била наменета за продажба кај домашни оператори со храна.
Од АХВ информираат дека по изречената мерка забрана за увоз и донесеното решение, целата количина била нештетно уништена во петокот на депонијата „Дрисла“, во присуство на инспектори за храна.
Паралелно, во рамки на вонреден инспекциски надзор кај оператор со храна од животинско потекло, запленети и уништени се и 2.000 килограми небезбеден пилешки стек. Причина за мерката е непочитување на процедурите за Добра хигиенска и Добра производствена пракса. На операторот му е изречена времена забрана за работа и парична казна од 4.400 евра во денарска противвредност.
Агенцијата нагласува дека редовните и вонредните инспекциски контроли продолжуваат, со цел да се спречи пуштање во промет на небезбедна храна и да се заштити здравјето на граѓаните, како и здравјето и благосостојбата на животните.

