Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не одговори со која брзина го возеле денеска на пат до конференцијата за безбедност во сообраќајот, на вториот ден од контролната фаза на системор „Безбеден град/Сејф Сити“.
На прашање на новинарот на ТВ Телма, тој го избегна одговорот и рече дека ниту министерот на внатрешни работи нема да биде „екскулпиран“, односоно изземен од вина доколку управува со возило спротивно на законските прописи.
„Вие сакате да чуете нешто би дало еден шмек и доза на „еве сега за министерот не важи правилото“. Ама тоа не е точно. Во рамки на она што е утврдена процедура за министер за внатрешни, за вицепремиер, за претседател на држава и на собрание, за премиер, кога се под полициска придружба, важат други правила“, одговори Тошковски.
Тошковски рече дека целта е „Безбеден град/Сејф Сити“ да стартува од 1 јануари 2026, но се размислува дали тоа да биде на 1 јануари или на 1 февруари.
„Не сакаме да наметнеме решение кое нема да биде подготвено за имплементација. Можеби граѓаните ќе оценат дека е потребно уште еден месец за адаптација, можеби ќе продолжиме уште месец дена плус, со цел да го допровериме и да се осигураме граѓаните да бидат целосно запознаени“, рече Тошковски.

