Приврзок во облик на јајце Фаберже, украсен со дијаманти, кој маж од Нов Зеланд го проголтал во обид да го украде, е пронајден, соопшти денеска полицијата во Окланд.
Според наводите на полицијата за BBC, приврзокот вреден 33.585 новозеландски долари (околу 16.500 евра) „природно“ го напуштил организмот на осомничениот и „медицинска интервенција не била потребна“.
Инцидентот се случил пред околу една недела, кога полицијата уапсила 32-годишен маж во златарата Partridge Jewellers во центарот на Окланд, неколку минути откако наводно го проголтал украдениот предмет.
Според златарите, приврзокот е украсен со 60 бели дијаманти и 15 сини сафири, а во себе крие минијатурна октопод-скулптура изработена од 18-каратно злато. Мажот е обвинет за кражба.
Полицијата претходно соопшти дека осомничениот бил подложен на медицинска процена и дека постојано се следи неговата здравствена состојба.
„Бидејќи се наоѓа во полициски притвор, наша должност е да се грижиме за него и да продолжиме со надзор, имајќи ги предвид околностите“, наведе полицијата.
Приврзокот, наречен ‘Octopussy’, го добил името по истоимениот филм за Џејмс Бонд од 1983 година и е инспириран од заплетот кој се врти околу сложена кражба на Фаберже јајце.
Куќата Фаберже е светски позната јувелирница основана во Русија пред повеќе од два века, прочуена по своите уметнички јајца направени од скапоцени камења и благородни метали.
Според Радио Нов Зеланд, златарата Partridge Jewellers соопштила дека приврзокот ќе биде вратен на компанијата Фаберже. Осомничениот повторно треба да се појави пред суд на 8 декември.
Според обвинителните списоци до кои BBC имал пристап, тој се товари и за кражба на iPad од истата златара на 12 ноември, како и за кражба на производи за мачки, вреќа песок и средство против болви вредни околу 100 новозеландски долари, ден подоцна од приватна адреса.

