Познатата Саманта тајно се омажи: четврта среќа со 14 години помладиот партнер

Ѕвездата на „Секс и град“, незаменливата Саманта – актерката Ким Картрал – тивко ја круниса својата љубовна приказна. На 69 години, на самиот праг на осмата деценија од животот, таа стапи во брак со својот долгогодишен партнер Расел Томас, 14 години помлад од неа, на интимна церемонија во Лондон со само 12 гости.

Наместо холивудски спектакл и црвен килим, Картрал и Томас избраа тивка, речиси тајна венчавка, далеку од објективите и насловните страници. Според магазинот People, парот од самиот почеток ја чувал врската подалеку од јавноста, па и свадбата била логичен продолжеток на нивното правило – љубовта да остане лична, а не медиумска приказна.

За овој ден, Ким не излезе во типичен невестински фустан, туку во Dior комплет опишан како „тих, ненаметлив и суптилен“, со што ја задржа својата препознатлива класа без вишок гламур. Стилот, очекувано, го доверила на долгогодишната пријателка Патриша Филд – легендарната костимографка од сетот на „Секс и град“, која повторно успеала да ја претвори во елегантна, но ненаметлива главна јунакиња. На сето тоа Картрал додала и фасцинатор, како гламурозен потпис на зрела, самосвесна невеста.

Младоженецот Расел Томас, монтажер на звук, блеснал во класично темно одело, стилизирано од британскиот дизајнер Ричард Џејмс. Токму преку работата и се запознале: во 2016 година, Картрал гостувала во емисијата „Woman’s Hour“ на BBC, каде што Томас работел како тонак. Од таа, на прв поглед обична, професионална средба израснала врска што тивко трае речиси една деценија. Ким во неколку наврати за него има речено дека е „вистински шегобиец“ и човек со кој се чувствува „прекрасно и опуштено“.

Новата венчавка доаѓа по три претходни брака на актерката. Првиот сопруг ѝ бил Лери Дејвис, потоа седум години била во брак со Андре Лион, а од 1998 до 2004 година беше во брачна заедница со Марк Левинсон. Сега, со Томас, медиумите веќе ја нарекуваат оваа приказна „четврта среќа“ и пример дека љубовта не го брои бројот на свеќички на тортата, ниту годините разлика помеѓу партнерите.

Иако цел свет ја знае како Саманта – гласна, остроумна и секогаш во центарот на вниманието – вистинската Ким Картрал изгледа дека се чувствува најдобро токму во тивките моменти, надвор од рефлекторите. Интимната венчавка во Лондон, со најблиското семејство и пријатели, е уште еден знак дека по славата, скандалите и бурниот приватен живот, актерката свесно избрала мир, стабилност и партнерство што не мора да се докажува пред камерите.

Додека „Секс и град“ останува серија што со генерации се гледа и препрераскажува, Ким Картрал веќе ја пишува својата верзија на „среќен крај“ – не на Менхетен, туку во Лондон, со 14 години помлад сопруг до себе и со приказна што покажува дека никогаш не е доцна да почнеш ново поглавје.

Зачлени се на нашиот е-билтен