Владината портпаролка Марија Митева денеска ја соопшти веста дека владта на седница го разрешила јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Таа посочи дека граѓаните ваквата одлудка ја поддржуваат и дека најголемиот показател е довербата од 2 процента која ја имаат и судството и обвинителството, што е буквално статистичка грешка.
„Ако сакаме правна држава, состојбите мора да ги подобриме“, рече портпаролката на Владата Марија Митева коментирајќи ја денешната изјава на државниот јавен обвинител дека неговото разрешување што го најавува Владата и премиерот е „нивна политичка одлука“.
Обвинителот Коцевски денеска, пред седницата на Советот на јавни обвинители на која се избираше претседател, за најавите дека ќе биде разрешен изјави дека тоа е политичка одлука и дека за да биде разрешен треба да сторил тешка дисциплинска повреда.
„Тоа е политичка одлука. Согласно важечкиот закон, јас треба да сторам тешка дисциплинска повреда. Тоа Советот на јавни обвинители го констатираше дека од моја страна не е сторена тешка дисциплинска повреда. Понатаму постапката, предлогот оди во Влада, односно Владата може да го достави до Собранието. Тоа не е моја надлежност, рече денеска Коцевски.
Митева информираше дека предлогот до Собранието за разрешување на Коцевски од функцијата е врз основа на член 88 став 1 од Законот за Јавно обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители.
„Поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО. Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, не постапувајќи согласно обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“, изјави Митева.

