Бразилскиот сенатор Флавио Болсонаро, син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, денес потврди дека неговата одлука да влезе во трката за претседателските избори во 2026 година е конечна. Со тоа тој официјално најави дека ќе му се спротивстави на актуелниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва.
Флавио Болсонаро ја соопшти својата кандидатура на прес-конференција по посетата на својот татко, кој во моментов ја издржува 27-годишната затворска казна поради планирање државен удар по поразот на изборите во 2022 година, пренесе Ројтерс.
„Му реков дека оваа кандидатура е неповратна, а тој ми одговори дека нема потреба да се свртуваме кон минатото. Важно е сега да разговараме за тоа како да ги имаме вистинските луѓе на наша страна“, изјави сенаторот.
Поранешниот претседател Болсонаро, според неговата политичка партија, веќе сигнализирал дека ќе го поддржи својот најстар син како претседателски кандидат, што минатата недела се одрази и на локалните финансиски пазари.
Шефот на десничарската Либерална партија, Валдемар Кошта Нето, изјави за Ројтерс дека лично слушнал од сенаторот дека Жаир Болсонаро го „одобрил“ неговото кандидирање. Слични информации пренесе и CNN Бразил, наведувајќи дека поранешниот претседател ја понудил својата поддршка за време на престојот во канцелариите на федералната полиција во Бразилија, каде ја издржува казната.
Веста за влезот на Флавио Болсонаро во трката предизвика пад на бразилската валута за околу 2 проценти во однос на американскиот долар, додека индексот на берзата Бовеспа се намали за 3 проценти. Финансиските пазари реагираа негативно, меѓу другото и поради очекувањата дека Болсонаро ќе поддржи кандидат поблизок до финансиските кругови, како гувернерот на Сао Паоло, Тарсисио де Фрејтас, кој важи за поискусен и поповолен за инвеститорите.
„Пазарите го гледаат Флавио Болсонаро како послаб кандидат од Тарсисио за мегдан со Лула“, изјави Лаис Елена Коста, директорка на финансискиот фонд Empiricus.

