Портпаролката на Европската комисија на критиките на Трамп: „Горди сме што имаме одлични лидери“

Портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо, денес изјави дека Европската унија е „многу задоволна и благодарна“ што располага со силни и компетентни лидери, одговарајќи на прашање за остриот коментар на американскиот претседател Доналд Трамп кој европските лидери ги нарече „слаби“.

„Многу сме задоволни и благодарни што имаме одлични лидери, почнувајќи од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која навистина сме горди и која може да нè води низ бројните предизвици со кои се соочува светот“, изјави Пињо на прес-конференција во Брисел.

Таа додаде дека ЕУ има „многу други силни лидери“ на чело на 27-те земји членки, кои го водат европскиот проект „проект за мир“, со сите предизвици што ги носат трговијата, глобалните кризи и војната во соседството.

„Дозволете ми да ја искористам оваа прилика да го повторам она што го мислат многумина од милионите граѓани во ЕУ: горди сме на нашите лидери“, рече Пињо.

Во интервју за Политико, емитувано денес, претседателот Трамп оцени дека Европа е предводена од „слаби лидери“ и дека Русија има „позиција на сила“ во војната против Украина. Тој ги обвини европските влади за „неактивност“ и за „катастрофални“ миграциски политики кои, според него, го промениле изгледот на градови како Париз, Лондон и Стокхолм.

Последните денови Европа е честа мета на критики од американската администрација, а новообјавената Стратегија за национална безбедност ги опиша состојбите на стариот континент како „цивилизациски пад“.

Зачлени се на нашиот е-билтен