Поранешниот министер за внатрешни работи а сега пратеник во Собранието, Оливер Спасовски реагиаше на поднесената кривична пријава против него.
Тој целосно ги отфрли овие тврдења, истакнувајќи дека „ВМРО-МВРО“ се активира секогаш кога треба да се дефокусира јавноста од вистинските скандали на владата, криминалот и лошата економска состојба.
„Во целост ги отфрлам наводите во т.н пријава. Не ме изненадуваат методите, ништо ново, мвро-вмро се враќа на сцена, секогаш кога треба да се дефокусира јавноста од реалните скандали на власта. ВМРО-ДПМНЕ бега и сака да го отргне вниманието од важните теми, трагедијата во Кочани, мигрантите, криминалите и лошата економска состојба.“ – вели поранешниот министер.
Според него ова е класичен пример за дефокусирање на јавноста од главните теми во овој момент како што се мигрантите и скандалите на актуелната власт.
„Само имам лична дилема, дали повеќе им сметаат моите резултати кога бев министер, или пак проблем е мојата посветеност во борбата за вистината како опозиционер.“ – прашува Спасовски.
Според поднесената пријава од МВР против него, Спасовски се сомничи за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, односно во текот на 2021 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување овозможил на правен субјект- технички преглед во општина Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 5.565.927 денари.