Крвава пресметка во Никшиќ: ранети членови на „шкаљарскиот клан“, градот блокиран

Никшиќ повторно се разбуди во сенка на мафијашко насилство. Во доцните вечерни часови на 10 декември, во угостителски објект во градот дошло до вооружен напад, кога засега непознат напаѓач пукал од огнено оружје и ранил две лица, за кои регионалните медиуми јавуваат дека се поврзани со озлогласениот шкаљарски клан.

Според информациите на црногорската полиција, пукањето се случило околу 22.30 часот во еден локален ресторан. Ранети се А.М. (40) и М.Ј. (38), кои веднаш биле пренесени во Медицинскиот центар во Никшиќ. Подоцна, порталите во регионот објавија дека станува збор за Андрија Марковиќ и Мило Јовановиќ, имиња што и претходно се појавувале во хрониките како припадници на организирана криминална група.

Црногорското Министерство за внатрешни работи соопшти дека напаѓачот е лице кое засега не е идентификувано и дека бил употребен огнен проектил со кој биле погодени двајцата мажи. Истовремено, полицијата го блокирала не само непосредното место на нападот, туку и пошироката градска зона, воспоставувајќи контролни пунктови за да се спречи евентуално бегство на сторителот. Со случајот е запознаен и надлежниот обвинител во Вишото државно обвинителство во Подгорица.

Иако дел од медиумите во регионот веднаш го поврзаа инцидентот со „војната на клановите“ која со години ја тресе Црна Гора, официјалниот став на Полициската управа е повоздржан. Оттаму нагласуваат дека, иако оштетените се членови на организирана криминална група, во овој момент не можат да потврдат дека настанот е директно поврзан со делувањето на криминалните кланови, сè додека не се соберат повеќе информации и не се утврдат сите факти и околности.

Зачлени се на нашиот е-билтен