Двајца Косовци биле во малиот авион што се урна во Маврово

Маврово денес доживеа драматична сцена кога мал спортски авион заврши во водите на Мавровското Езеро. Леталото, во кое се наоѓале двајца државјани на Косово – пилотот Д.М. (64) и патникот Џ.П. (41) – паднало непосредно пред 12:30 часот, а двајцата успеале да се извлечат од кабината и да допливаат до брегот.

Според првичните информации, и пилотот и патникот имале видливи телесни повреди, но биле свесни и подвижни. Тимови на медицинскиот центар во Гостивар веднаш излегле на терен и ги пренеле повредените во болница, каде им е укажана лекарска помош. Засега нивната состојба е стабилна, а причините за падот сè уште не се познати.

Фото: 21.мк

„Денеска (12.12.2025) во 12:35 часот во СВР Тетово – ОВР Гостивар е пријавено дека во Мавровското езеро паднал мал спортски авион. Според пријавеното, од авионот на копното успеале да излезат двајца косовски државјани“, соопшти полицијата, додавајќи дека истражните екипи веќе вршат увид на местото на настанот.

Локалните служби засега не објавуваат информации за тоа дали инцидентот е последица на технички дефект, лоши временски услови или грешка при летање. Во меѓувреме, местото на падот е обезбедено, а надлежните институции најавуваат детална истрага за да се реконструира настанот и да се утврдат причините за несреќата.

Зачлени се на нашиот е-билтен